
Компанијата „Сити аутсорсинг“ негира каква било поврзаност со директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, откако СДСМ денеска обвини дека фирмата која добила тендери во вредност од 5,3 милиони евра била негова семејна, а подоцна си го сменила името.
Според тврдењата што на прес-конференција ги изнесе Саша Димитриевиќ од СДСМ, се работи за фирмата „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител е Слободан Кутановски, нивни близок роднина.
„Потоа се менува името на фирмата – ‘Сити аутсорсинг’. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. Од државни институции и од општини, водени од ДПМНЕ, семејната фирма на Томовски која го менува името добила неверојатни 5 360 000 евра или вкупно 161 тендер. Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306 проценти. И тоа само во 2024 година. Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра“,
кажа тој.
Томовски најави дека ќе поднесе тужба против СДСМ ако партијата не се извини за обвинувањата.
Инаку, сегашен сопственик и управител на „Сити аутсорсинг“ е Милчо Стрезовски, а извесен Витомир Томовски како сопственик и Слободан Кутановски како управител се бришат на 29.12.2022 година.




