Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на Европската унија (ЕУ), собрани во Брисел, денес за прв пат ќе ги искажат своите ставови за три текста презентирани од Европската комисија оваа година со цел воведување построги прописи за пристигнување и враќање на мигранти.

Под притисок од десницата, се очекува 27-те земји од Европската унија денес да одобрат значително заострување на миграциската политика и да потврдат нови концепти за контрола на миграцијата, објавува „Фигаро“.
Новите прописи би овозможиле отворање центри надвор од границите на ЕУ за испраќање мигранти чии барања за азил се одбиени, построги казни за мигрантите кои одбиваат да ја напуштат европската територија, како и враќање на мигрантите во земји од кои не потекнуваат, но кои Европа ги смета за безбедни.
„Треба да постигнеме напредок за да им дадеме на граѓаните чувство на контрола врз ситуацијата“, изјави во четврток европскиот комесар Магнус Брунер, архитект на новата, построга миграциска политика.




