дома Бизнис Макрон: Европската индустрија е во борба за опстанок меѓу Кина и САД,...

Макрон: Европската индустрија е во борба за опстанок меѓу Кина и САД, Кина ќе инвестира во ЕУ

Европската индустрија е во „борба за живот или смрт“, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон, оценувајќи дека континентот е притиснат меѓу конкурентна Кина и протекционистички САД, и дека затоа Пекинг треба да помогне со поголеми инвестиции во Европа.


„Кинезите мора да го направат во Европа она што Европејците го направија пред 25 години, инвестирајќи во Кина“, рече Макрон во интервју за францускиот весник „Еко“ по враќањето од неговата четврта официјална посета на Пекинг од 2018 година.
Трговскиот дефицит на ЕУ со Кина изнесуваше 306 милијарди евра во 2024 година, со европски извоз од 213 милијарди и увоз од 519 милијарди евра, објавува бриселскиот „Политико“.
„Се обидувам да ѝ објаснам на кинеската страна дека нивниот вишок е неодржлив и дека тие „ги убиваат сопствените клиенти“, првенствено затоа што веќе не увезуваат речиси ништо од нас“, рече Макрон.
Слична нерамнотежа, според „Политико“, постои и кај инвестициите – европските акумулирани инвестиции во Кина изнесуваа 232 милијарди евра, додека кинеските инвестиции во Европа достигнаа 65 милијарди, според податоците за 2023 година.
„Свесни сме дека тие се исклучително напредни во одредени области, но не можеме постојано да увезуваме. Кинеските компании треба да дојдат во Европа, исто како што EDF и Airbus одеа во Кина претходно, и да создаваат вредност и можности за Европа“, рече францускиот претседател.
Сепак, тој додаде дека ваквите инвестиции „не смеат да бидат предаторски, насочени кон хегемонија и создавање зависност“.
Макрон предупреди дека ако трендовите не се променат, Европа би можела да биде принудена да воведе царини за кинескиот увоз, слични на мерките што ги воведоа САД за време на мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој, исто така, го обвини Пекинг дека „го напаѓа јадрото на европскиот модел на иновации и индустрија“.
Сепак, наместо понатамошна ескалација, Макрон предлага „примирје“ во економските односи или „меѓусебно укинување на агресивните политики, како што се ограничувањата за извоз на европски полупроводнички машини и кинеските ограничувања за извоз на ретки метали“.
Франција го презема претседателството со Г7 на 1 јануари и ќе биде домаќин на самитот во Евиан во јуни.
Според медиумските извештаи, Макрон размислува да го покани кинескиот претседател Си Џинпинг на состанокот, со цел зајакнување на глобалната улога на Г7.

ПредходнаПолитико: Земјите од ЕУ мора да издвојат милијарди евра за да гарантираат заеми за Украина
СледнаЕвропските индекси се мешани, цените на нафтата и златото се зголемуваат, Федералните резерви ќе одлучуваат за каматните стапки