
Македонија денеска го чествува празникот Св. Климент Охридски. Во Собранието ќе биде доделена државната награда за достигнувања во образованието, науката и уметноста која годинава ќе им биде врачена на академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог и на Живоин Глишиќ, композитор и Беди Ибрахим, ликовен уметник.
По повод празникот честитики упатија од државниот врв со пораки да се следи Светиклиментовото дело и преку поголема посветеност кон образованието, науката и толеранцијата да се изгради држава достојна за живеење.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката порачува делото на Св. Климент Охридски да биде инспирација за да државата ја направиме пристојно, праведно и достоинствено место за живеење.
– Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот и сплотени околу општото добро. Нека пораката на Свети Климент, за смирение, милост, знаење и заедништво, биде наш водич и наша инспирација да ја направиме македонската држава пристојно, праведно и достоинствено место за живеење, вели Сиљановска-Давкова.

Според Сиљановска-Давкова, пред нас е голема задача односно одново да ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата.
Честитка по повод празникот упати и претседателот на Собранието Африм Гаши со порака денешниот празник да биде поттик за уште поголема посветеност кон образованието, науката, толеранцијата и меѓусебното почитување.
Празникот посветен на Свети Климент Охридски е прогласен за државен празник во земјава.




