Родителите на загинатите во трагедијата во Кочани бараат овој случај да се разгледа како повреда на човековото право со посебен акцент на правото на живот. Според нив, трагедијата не е последица на една погрешно запалена искра, туку на системска попустливост која го загрозува најосновното право – правото на живот.
– Знаеме дека никој и ништо не може да ги врати нашите деца, дека ниту една сила, ниту еден збор не може да ја надомести нивната загуба, но ние не се парализиравме. Наата борба за вистинска борба не е само наша, таа е борба за иднината на сите деца и не само за нив туку и за сите идни генерации кои доаѓаат по нив, рече Марија Петрушова, која се обрати од името на родителите на загинатите.
Петрушова рече дека младите животи згаснале поради неспособноста, нефункционалноста и корупцијата која ги опфаќа сите нивоа на власта.
– Каде е безбедноста што треба да ја гарантира државата? Тука сме да бараме правда за нашите деца. Не можеме да останеме бездушни како оние кои беа задолжени да го чуваат нашиот живот. Поради нивната немарност, корупција и неспособност да ги исполнат своите обврски, нашите деца се мртви, а многу други остануваат во опасност, рече Петрушова.
Иванка Василева од ВМРО-ДПМНЕ ги повика семејствата на загинатите во нејзиниот кабинет заедно да ги разгледаат изјавите дадени од претседателот на Постојаната анкетна Комисија Димитар Апасиев, кој, како што рече, го изгубил кредибилитетот да ја води седницата.
Во моментот е пауза во Постојаната анкетна комисија.
Семејствата за загинатите не отидоа во кабинетот на пратеничката Василева. Влегоа во Клубот на пратеници каде, според информациите, се наоѓа претседателката на државата и пратениците. 
Во 14.30 часот пред Собранието закажана е и изјава на претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
На почетокот на денешната седница им беше оддадена почит на загинатите во пожарот во Кочани во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.




