дома Без филтер Блупринт групата за расправата во Постојана анкетна комисија за Кочани: Кој е...

Блупринт групата за расправата во Постојана анкетна комисија за Кочани: Кој е системот?

Дискотека Пулс Кочани
Расправата повторно го потврди она на кое со години укажуваат граѓанските организации: институционалниот систем на заштита, контрола и одговорност е суштински нефункционален.
Ова го нагласи меѓу другото Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со неодамнешната расправа во собраниската Постојана анкетна комисија за човекови права посветена на случајот со пожарот во Кочани.
„По повод 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права – потсетуваме дека почитувањето, заштитата и остварувањето на човековите права не се само декларација, туку секојдневна институционална обврска. На 09.12.2025 година се одржа расправата на Постојаната анкетна комисија за човекови права посветена на случајот со пожарот во Кочани, на која присуствуваа и претставници на: Здружението 16 Март 2025 – Кочани, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници, Коалицијата „Сите за правично судење“, иницијативите „Кој е следен“ и „Сапорт Кочани“, медиуми и највисоки претставници на законодавната и извршната власт, нагласува Блупринт групата.

На расправата, како што потсетува, била разгледувана иницијатива поднесена од родителите на жртвите во трагедијата, преку здружението 16 Март 2025 – Кочани.
„Расправата повторно го потврди она на кое со години укажуваат граѓанските организации: институционалниот систем на заштита, контрола и одговорност е суштински нефункционален. Трагедијата во која загинаа 63 лица не е резултат само на индивидуални пропусти, туку таа е директна последица на децениска институционална незаинтересираност, избегнување одговорност и отсуство на вистинска политичка волја за реформа“, додаваат оттаму.

Иако Собранието има уставна и политичка обврска да води темелна и одговорна расправа, се вели во соопштението, очигледна беше недоволната посветеност на голем дел од пратениците. „Уште на самиот почеток се предложи расправата да се одложи, па дури и целосно да се избегне, под изговор на ненадлежност, пристрасност и влијание врз судските и истражните постапки. Исто така, кога медиумите ја напуштија салата, истото го сторија и голем број пратеници и високи поканети гости, меѓу кои и Претседателот на Собранието, Претседателот на Владата и Претседателот на Републиката, без најавување или оправдување на отсуството од понатамошниот тек на дискусијата“, додаваат оттаму.

Во продолжение останатиот дел од соопштението:
„Јавноста бара одговори, но наместо одговорност, добива уште една сцена на политичка формалност. Семејствата уште еднаш беа оставени да гледаат како институциите формално „дискутираат“, а суштински не се прават чекори кон конкретни мерки. Ваквата слика испраќа порака дека: дури и во ситуации со висока човечка цена и огромно јавно очекување, политичкиот интерес има поголема тежина од политичката одговорност.
Родителите на жртвите во своето обраќање јасно побараа правда, а пратениците, речиси без исклучок, повторија дека „системот не функционира“. Во текот на расправата само три до четири пратеници понудија конкретни и конструктивни предлози. Притоа, перцепцијата беше дека поголемиот дел на декларативни констатации за „нефункционален систем“ беа истакнати повеќе како обид пратениците да се дистанцираат од одговорност.
Токму затоа го поставуваме прашањето: КОЈ Е СИСТЕМОТ?

Ако системот не функционира, мора конечно да биде јасно кој го сочинува и зошто никој не понел политичка одговорност за децениските пропусти. „Системот“ не е само апстрактен поим, тоа се Владата, Собранието, судовите, регулаторите, инспекторатите и сите институции што треба да создаваат, контролираат, надгледуваат и санкционираат. Кога нема одговорност, тогаш системот не е нефункционален по случајност, туку по нечие недејствување.

Ова не смее да биде сцена за дневнополитичко профитирање, туку момент каде моралната и политичката одговорност ќе бидат јасно лоцирани. Ако и овој пат институциите се задоволат со декларативна осуда и технички анализи, тогаш системот ќе продолжи да произведува ризик, а граѓаните да ги плаќаат последиците. Комисијата има и морална и институционална обврска, како и уставна должност да донесе конкретни заклучоци и јасни чекори што ќе доведат до утврдување политичка одговорност и решение за тоа како системот да стане функционален.

Како Блупринт група бараме: сериозен, доследен и итен процес – без релативизирање, без одолговлекување и без политичка апстракција. Притоа, посочуваме дека мора да се внимава да не се предизвика ревиктимизација на родителите и преживеаните.

Собранието мора да ги разгледа сите можности и да постапи соодветно, земајќи ги предвид барањата на родителите, преку:

  • Преиспитување на законската регулатива за работата на сите угостителски објекти и објекти за јавни настани, вклучително и јасни безбедносни стандарди, редовни проверки и зајакната контрола.
  • Итни промени на Кривичниот законик во делот на санкционирање на коруптивните кривични дела.
  • Лоцирање на системските пропусти и иницирање одделни надзорни расправи и одделни темелни парламентарни дискусии за трагедиите: Кочани, Ласкарци, Беса транс и Модуларните болници во Тетово.
  • Донесување закон за обесштетување на семејствата на жртвите и оштетените од трагедијата во Кочани.
Ниту една институција нема право на тишина кога 63 животи се изгубени. Наведените проблеми се директно поврзани со надлежностите и одговорностите на институциите, а решавањето на системските пропусти и утврдување политичка одговорност е должност на народните избраници во собранието на државата.
Затоа, бараме трагедијата во Кочани конечно да биде третиранa како приоритет и пратениците обединето да настапат во заштитата на човековите права на граѓаните“.
Во состав на Блупринт групата се Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП), Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
ПредходнаАљбан Кадриу, предложен за нов член на Судскиот совет
СледнаЈавните претпријатија се дават во долгови, само скопски Водовод должи 53 милиони евра