дома Македонија ВЛЕН очекува предлог-законот за правична застапеност наскоро да влезе во собраниска процедура

ВЛЕН очекува предлог-законот за правична застапеност наскоро да влезе во собраниска процедура

ВЛЕН

Правичната застапеност добива европски печат и наскоро ќе влезе во Парламентот, соопшти денеска ВЛЕН.

 „ВЛЕН затвора еднаш засекогаш едно од најголемите поглавја на политичката измама против Албанците: прашањето за правична и соодветна застапеност. Новиот закон за правична и соодветна застапеност е најјасен доказ дека она што две децении се користеше како слоган, алиби и алатка за политичка уцена, денес станува законски, мерлив и применлив стандард“, се наведува во соопштението.

Од ВЛЕН нагласуваат дека прв пат, правичната застапеност не останува заложник на политичката волја на владите, партиските пазарења или изборните манипулации, туку е регулирана со јасен, обврзувачки и надгледлив закон. Со овој закон, додаваат од ВЛЕН, се затвора клучната алка на Охридскиот Договор.

„Фактите се неоспорни: Венецијанската комисија, највисокиот европски орган за уставни и правни прашања, исто така даде позитивно мислење за истиот закон. Ова дефинитивно ја побива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да ја регулира со закон“, се додава во соопштението.

Се очекува законот наскоро да влезе во собраниска процедура, а ВЛЕН ги повикува сите пратеници, „без исклучок, да се вратат на разумот, одговорноста и јавниот интерес“. 

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи на 12 декември годинава објави дека предлог-законот за правична и соодветна застапеност добил позитивна оценка од Венецијанската комисија. Со ова, како што наведе, се потврдува дека предлог-законското решение е во целосна согласност со европските стандарди и демократски вредности.

Се работи за предлог-закон кој беше усвоен од Владата во јуни годинава, а пред да биде доставен во собраниска процедура беше испратен на оценување во Венецијанската комисија. Со законот, практично, треба да се замени алатката „балансер“ за вработување во јавните институции која Уставниот суд ја укина во октомври лани.

ПредходнаЗемјоделците протестираат против Лидл: Четвртина килограм путер за помалку од едно евро
СледнаТрамп: Разговарав со Путин