Во пленарната сала на бугарското Народно собрание денеска дојде до сериозен инцидент, откако двајца пратеници физички се судрија, при што беа разменети удари со нозе и раце. Причините за конфликтот засега не се официјално соопштени.
Според снимките од камерите во салата, Ѓунај Далоолу од партијата ДПС – Нов почеток и Радостин Василев од политичката формација МЕЧ најпрвин размениле остри и навредливи зборови. Во ескалацијата што следела, Василев го удрил Далоолу со нога во пределот на градите и се обидел да го удри со тупаница, но ударот не погодил.
Во моментот кога избувна тепачката, од говорницата се обраќаше министерот за енергетика Жечо Станков, кој го прекина својот говор и ја информираше претседателката дека во салата има физички судир меѓу пратеници.
Инцидентот предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за нивото на политичка култура и безбедноста во законодавните институции во Бугарија. Засега нема информации дали ќе следуваат дисциплински мерки или санкции против инволвираните пратеници.





