Скопје денеска повторно е во групата на градови каде загаденоста на воздухот е висока. Според податоците од World Air Quality Index, Скопје е во групата на градови каде загаденоста на воздухот е опасна за ризичните групи.
Но, и покрај ова, нема никаква реакција од надлежните институции освен тоа дека проблемот е децениски и не се решава преку ноќ.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓоргиевски вчера во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21 изјави дека загадувањето на воздухот е проблем со децении не само во главниот град, туку и на цела територија на државата, но дека за разлика од минатото, сега се преземаат чекори со кои што на долг рок ќе се решават проблемите.
– Ако ме следевте во кампањата, јас секогаш, искрено говорев во јавноста за овој проблем. За да го решиме пред се треба волја, но и конкретни чекори кои нема преку ноќ да донесат решенија. Ни треба време. Дали некој во минатото сериозно се зафатил со процес на гасификација или изградба на гасни централи за ние едно од жариштата – домаќинствата, кои по сите студии е најголем загадувач, заедно со сите останати кои влијаат на процесот, а тоа се индустриските капацитети, градилиштата, јавниот транспорт, … изјави Ѓорѓиевски.
Трите клучни работи што треба да се направат, според него, се изградба на гасни централи, електрични автобуси и алтернативни горива за загревање на домаќинствата.
Од Зелен хуман град веќе имаат поднесени 30 мерки против загадениот воздух и бараат надлежните институции сериозно да се позанимаваат со овој проблем.




