Советниците од СДСМ во Град Скопје бараат итна седница на Советот и носење на итни мерки за аерозагадувањето во градот откако веќе неколку дена Скопје руши рекорди во загаденоста на воздухот.
Тие поднеле и иницијатива за свикување на итна седница на Советот со барање да се донесе одлука со која намалувањето на загадувањето ќе биде утврдено како приоритет на градските власти, односно да се финансираат мерки кои ќе бидат во насока на намалување на загадувањето на воздухот.
– Бараме поддршка од сите советнички групи во Советот да ја одржиме оваа седница и да утврдиме заклучоци и мерки. Здравјето на скопјани е во прашање и затоа заедно да донесеме мерки за решавање на проблемот, рече Катерина Цаневска- Арсовска, советничка во Град Скопје.
Дел од мерките што ќе ги предложат се бесплатен јавен превоз во деновите кога воздухот е загаден, да се обезбедат пари од Владата за бесплатни филтри на оџаците на големите загадувачи, расчистување на дивите депонии, миење на улиците….
Скопје изминатите денови беше меѓу првите градови во Европа по загаденост на воздухот, а денеска е најзагаден град во Европа.




