Соединетите Американски Држави во вторник ги прогласија египетската, ливанската и јорданската филијала на Муслиманското братство за глобални терористички организации. Како главна причина се наведува нивната поддршка на палестинската милитантна група Хамас.
Овој чекор, кој официјално беше започнат во ноември минатата година, воведува санкции за една од најстарите и највлијателни исламски политички организации во арапскиот свет.
„Филијалите на Муслиманското братство тврдат дека се легитимни граѓански организации, но зад сцената експлицитно и со ентузијазам ги поддржуваат терористичките групи како Хамас“, наведува Министерството за финансии.
Египетското Министерство за надворешни работи ја поздрави одлуката на САД, опишувајќи ја како „клучен чекор што ја отсликува сериозноста на групата и нејзината екстремистичка идеологија, како и директната закана за регионалната и меѓународната безбедност“.
Муслиманското братство победи на првите слободни претседателски избори во Египет во 2012 година, но година подоцна беше соборено од војската по масовни протести против нивната власт. Од тогаш се соочува со жестоко прогонување од египетските власти.




