Во Клубот на пратениците во тек е лидерската средба. Присутни се коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ и лидерите на ДУИ и Левица. Лидерот на СДСМ Венко Филипче не е присутен.
Филипче минатата недела експресно ја одби поканата за лидерска средба со одговор дека техничката влада мора да остане.
– Средба со криминалци нема да има, нема средба за техничка влада. Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори, рече Филипче.
И генералниот секретар на СДСМ Саша Димитријевиќ денеска на прес-конференција рече дека не се согласуваат со укинување на техничката влада затоа што со тоа ВМРО-ДПМНЕ сака да ги скрие криминалот и корупцијата.
– „Сакаат да ја укинат техничката влада затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија“,рече Димитријевиќ.
Укинувањето на техничката влада, од ВМРО-ДПМНЕ, го правдаат со ставот дека техничката влада го надминала времето и причините поради кои е создадена.
– Оваа техничка влада во 2015 година беше договорена во еден друг политчки контекст и беше решение на една политичка криза. До следните парламентарни избори ќе поминат 12,5 години од таа политичка криза, изјави вчера Николоски.
На лидерската средба се очекува да се разговара за реформските закони во правосудството, изборот на народниот правобранител, Изборниот законник и за укинување на техничката влада.




