![tankeri nafta](https://provereno.mk/wp-content/uploads/2023/12/Цените-на-нафтата-поддржани-од-загриженоста-за-снабдувањетоo.jpg)
Цените на нафтата се искачија над 80 долари во средата на лондонскиот пазар, поттикнати од нервозата поради нарушувањата во глобалната трговија и геополитичките тензии на Блискиот исток по нападите на бродови во Црвеното Море.
Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 89 центи во однос на претходното затворање, на 80,12 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргува по 93 центи повисока цена, по 74,87 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во вторникот поскапел за 72 центи на 79,19 долари.
Во вторникот, цената на лондонскиот и американскиот пазар се зголеми за повеќе од 1 отсто бидејќи некои компании ги пренасочуваат бродовите а подолгите патувања ги зголемуваат трошоците за транспорт и осигурување. Во средата Грција ги советуваше комерцијалните бродови што пловат низ Црвеното Море и Аденскиот Залив да ги избегнуваат јеменските води. Грчките бродарски компании контролираат околу 20 отсто од светските комерцијални бродови во однос на носивоста. Во меѓувреме, Вашингтон покрена работна група за заштита на трговијата во регионот.
„Досега поморската мисија предводена од САД за ублажување на нападите на Хутите не успеа да ја намали општата загриженост за безбедно минување низ Црвеното Море, а главните бродски превозници продолжуваат да го избегнуваат тоа додека продолжуваат тензиите“, рече Јеап Џун Ронг од IG.
Хутите најавија дека ќе продолжат да гаѓаат бродови во Црвеното Море кои се упатуваат кон израелските пристаништа или кои имаат некаква поврзеност со Израел, како поддршка на палестинското исламистичко движење Хамас.
Околу 12 отсто од светскиот бродски сообраќај минува низ Црвеното Море и Суецкиот канал. Снабдувањето со нафта засега е координирано, сѐ уште нема недостиг, велат аналитичарите.
„Сѐ додека производството не е загрозено, пазарот на крајот ќе се прилагоди на променливите патишта за снабдување“, вели Оле Хансен од
„Saxo Bank“.
Leave a Reply