Новоизбраните членови на Судскиот совет, адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ, денеска во Собранието дадоа свечена изјава пред претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.

Јошевска-Анастасовска нагласи дека денеска дале изјава за лична одговорност и очекува дека заеднички ќе успеат од Судскиот совет да изградат силна институција.
– И чекор по чекор храбро, отчетно, одговорно и трпеливо да почнеме да се движиме во позитивен правец и да придонесеме да се зголемува довербата во судството. Време е за интегритет. Време е за одговорност – рече Јошевска-Анастасовска.
Смета дека треба да почнат со спроведувањето на новиот Закон за Судскиот совет и да ги донесат сите подзаконски акти, кои се поврзани со него.
– Сметам дека треба да почнеме да го применуваме новиот Закон за Судскиот совет, да ги донесеме подзаконските акти, кои се врзани со новиот закон, и натаму со нови сили да биде добра основа за градење силна институција – нагласи Јошевска-Анастасовска.
Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца членови се на предлог на претседателот на државата. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор.
Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор.




