дома Свет Трамп објаснува како се појавила модринка на раката поради високи дози на...

Трамп објаснува како се појавила модринка на раката поради високи дози на аспирин

Американскиот претседател Доналд Трамп објасни дека видливата модринка на неговата лева рака се должи на високиот внес на аспирин, за кој рече дека доведува до полесни модринки, објавија светските агенции.

Трамп рече дека модринката се појавила откако ја удрил раката од маса на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија. Тој ја даде изјавата пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ по враќањето во Соединетите Држави.

„Велат дека земаш аспирин ако го сакаш своето срце, но не го земај ако не сакаш малку модринка. Јас земам многу аспирин“, рече Трамп, додавајќи дека неговите лекари го увериле дека е во добра здравствена состојба, но сепак претпочита да не презема никакви ризици.

Белата куќа, исто така, ја потврди неговата верзија. Портпаролката на администрацијата, Каролин Ливит, изјави дека претседателот ја удрил раката по аголот на масата за време на потпишувањето документи поврзани со неговата иницијатива „Совет за мир“.

Четири лекари, двајца хирурзи и двајца интернисти, кои разговараа со Ројтерс за случајот, рекоа дека е сосема можно аспиринот да придонел за модринката. Порано овој месец, Трамп изјави за „ Волстрит џурнал“ дека зема поголема дневна доза на аспирин од препорачаната затоа што сака „убава, тенка крв да тече низ неговото срце“.

Трамп, кој има 79 години, е вториот најстар претседател во историјата на САД, по неговиот претходник Џо Бајден , кој ја напушти функцијата на 82 години откако одби да се кандидира за уште еден мандат поради здравствени проблеми.

ПредходнаМагла на неколку патни правци, сите патишта проодни, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
Следна„Ќе навивам за вас“, ни порача Анџела Агелер во проштално писмо