Високи воени претставници од 34 земји ќе се состанат во февруари за да разговараат за заедничките безбедносни приоритети на западната хемисфера, соопшти американската војска.

„Земјите од западната хемисфера делат длабоки историски врски, заеднички вредности и интерес за регионална стабилност што ја поддржува долгорочната безбедност и просперитет на Соединетите Американски Држави и нашето заедничко соседство“, се вели во соопштението на американската војска, објави Ројтерс.
Домаќин на првата конференција на врвни воени претставници од 34 земји од западната хемисфера, што ќе се одржи на 11 февруари, ќе биде претседателот на Здружениот штаб на американските вооружени сили, генерал Ден Кејн.
На конференцијата се поканети врвни воени претставници од Данска, Велика Британија и Франција, објави претходно „Њујорк тајмс“.
САД ја нападнаа Венецуела во јануари и го соборија претседателот Николас Мадуро, во најдиректната интервенција на Вашингтон во Латинска Америка од инвазијата на Панама во 1989 година.




