Со едноминутно молчење, во чест на загинатата млада дизајнерка Фросина Кулакова, започна денешниот марш во Кочани.
Бидејќи овој саботен марш за ангелите е за вистинска правда и за сите млади кои ги загубија животите поради системски пропусти и незаконско работење, затоа оддаваме почит и за трагичната смрт на Фросина, која го загуби животот во сообраќајна несреќа, истакнаа родителите и блиските на загинатите во Кочани.
36ти Марш за ангелите во Кочани. Родителите на загинатите и нивните блиски повторно побараа одговори од надлежните, за тоа до каде е истрагата за осомничените полициски службеници.
Правдата што доцни не е правда, ова е главната порака на денешниот Марш, кој се одржа во знак на поддршка за тужените млади сограѓани. Имено, синот на газдата на „Пулс“ каде загинаа 63 млади луѓе, поднел приватна тужба против демонстрантите во Кочани, кои еден ден по трагичниот настан во дискотеката, му го демолираа кафулето, кое пак се наоѓа во Трговскиот центар во градот, локација која патем е и втора точка на застанување на толпата на секој одржан Марш за ангелите.
Освен барањето неселективна правда за загинатите, и повредените во катастрофалниот пожар мака мачат со повредите.
Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ соопшти дека државата наплатила над 2,2 милиони денари персонален данок од средствата собрани преку донации за помош на настраданите во пожарот во кочанското кабаре „Пулс“. „Со цел помошта да стигне таму каде што е најпотребна, одлучено е 123 лица да добијат по 15.968 денари, а 19 лица по 45.992 денари“, соопштуваат од „Сапорт Кочани“.
Во трагичниот пожар во кочанското кабаре „Пулс“ животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.




