Отфрлам каква било поврзаност со Џефри Епштајн, истакнува поранешниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, тврдејќи дека никогаш не се сретнал со починатиот осуден сексуален престапник, ниту пак комуницирал со него, пренесува РТС .
Ѓукановиќ се огласи откако неговото име и името на поранешниот шеф на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, беа споменати во новообјавените документи за Епштајн.
Поранешниот претседател на Црна Гора и Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ, објави дека „не го познавал покојниот Џефри Епштајн, ниту пак имал директна или индиректна комуникација со него“, осврнувајќи се на медиумските извештаи за објавувањето на последниот и најголем дел од документите поврзани со покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн, во кои, меѓу другото, се споменуваат Ѓукановиќ и поранешниот шеф на словачката дипломатија Мирослав Лајчак.
„Затоа, разбирливо е што не можам да сведочам за веродостојноста на објавените разговори на Епштајн, ниту за неговите евентуални посети на Црна Гора. Особено ми е жал што не можам да ги исполнам очекувањата на одредени медиумски работници да одговорам на прашањето како Епштајн дошол до заклучок дека „г-дин Ѓукановиќ е одлична личност“. Препорачувам, доколку го сретнат некаде пред мене, да го проверат тоа и да ја информираат јавноста за неговиот став“, рече Ѓукановиќ.
Според медиумите, во 2018 година, Лајчак наводно разменувал пораки со Епштајн и го споменал Ѓукановиќ.
„Претседателот на Црна Гора очекува наша посета“, напиша Лајчак во една од пораките.

Епштајн одговори дека „можеби треба да му даде засолниште на Доналд (Трамп, тогашниот и сегашен американски претседател)“, а Лајчак се надоврза на таа забелешка велејќи дека „Црна Гора е слаба точка на Доналд“.
Потоа Епштајн му пиша на Лајчак дека поранешниот адвокат на претседателот Доналд Трамп, Мајкл Коен, и поранешниот советник на Трамп, Пол Манафорт, се „и двајцата виновни“ и нагласи дека тоа е „почетокот на крајот“.
Во 2006 година, Лајчак беше специјален пратеник за црногорскиот референдум за независност, додека Манафорт беше ангажиран и во Црна Гора за време на референдумот, пишува Вијести.
Лајчак наводно му испратил на Епштајн фотографија од Црна Гора, заедно со статија од американскиот печат и пораката: „Ви кажав, Црна Гора е одлична“.
Во една од пораките, Епштајн го прашал Лајчак „дали Ѓукановиќ е премиер или претседател на Црна Гора“.
„Претседател. Мило Ѓукановиќ“, на тоа одговори Лајчак, според објавената документација.
Лајчак потоа напиша: „Добро, кажете ми“.
Во понатамошна размена на пораки, Лајчак го прашал Епштајн: „Што велите за посета на Црна Гора првиот викенд во ноември“, на што тој одговорил дека „изборите се на 6 ноември, но тој се обидува да ги организира“.
Лајчак напиша: „Сè уште не сум им кажал, но мислам дека ќе бидат подготвени“.
Министерството за правда на САД го објави најновиот и најголем дел од документите според законот донесен во ноември, кој налага објавување на сите досиеја поврзани со Епштајн.
Објавени се повеќе од три милиони страници, 180.000 фотографии и 2.000 видеа.





