Филмот „Меланија“, документарец за животот на првата дама на Соединетите Американски Држави, Меланија Трамп, премиерно беше прикажан во Приштина, само еден ден по светската премиера во Вашингтон, објави Косев .

Проекцијата ја организираше канцеларијата на претседателот на Косово, Вјоса Османи, во соработка со кината „Синеплекс“ во овој град, а на премиерата присуствуваа бројни уметници и јавни личности од Косово, заедно со гости од Американската амбасада.
Косовската претседателка Вјоса Османи ја пофали проекцијата и изрази задоволство што Приштина стана дел од светската премиера.
„Оваа проекција е потсетник дека партнерството меѓу Косово и САД е широко, длабоко и трајно, а уметноста и културата остануваат наш најмоќен и најубав мост. Првата дама Меланија Трамо одлично ја промовира темата што е важна не само за САД, туку и за сите земји“, рече Османи.

Иако, според светските медиуми, Amazon MGM Studios инвестираше околу 75 милиони долари за правата и маркетингот на филмот, критиките беа мешани, а препродажбата на билети во кината покажа послаб интерес од очекуваното, додека претседателот Доналд Трамп ја покани јавноста да го погледне филмот и го опиша како „ЗАДОЛЖИТЕЛНО ГЛЕДАЊЕ“.
Османи му посака на филмот голем светски успех.
Сепак, за разлика од Приштина, филмот „Меланија“, според медиумските извештаи, беше повлечен од прикажување во кината во Јужна Африка кратко пред планираниот почеток на проекциите, а дистрибутерот изјави дека одлуката е донесена „поради моменталниот политички и општествен контекст“ во земјата. Одлуката дојде во време на затегнати односи меѓу владата на Јужна Африка и американската администрација на Доналд Трамп, вклучувајќи ги и тврдењата на Трамп за „геноцид“ врз белите земјоделци во Јужна Африка, што предизвика остра реакција од властите во Преторија и додаде на јавната чувствителност кон проектите поврзани со администрацијата на Трамп.




