Ако се прошетате низ повеќето поголеми железнички станици во Јапонија, ќе наидете на безброј барови. Има изакаи, опуштени пабови со мали закуски, потоа барови за вино и виски, барови со саке и барови за хостеси во затскриени улички.

Сепак, во близина на станицата Јокохама, се појави бар каков што досега не можевте да замислите – наменет исклучиво за луѓе кои размислуваат за промена на работата, пренесува „Јапан тудеј“.
Овој необичен бар се нарекува „Теншоку содан бар“, што во превод значи „Бар за советување за промена на работата“. Во него, пијалаците се точат сбесплатно, а главната тема на разговор не се љубовни драми или дневни вести, туку работа, дилеми, незадоволство и професионални пресвртници.
Зад шанкот не се традиционални шанкери, туку професионални советници од агенцијата за вработување „ЛИА“. Сепак, ова не е класична канцеларија за барање работа со чаша алкохол во рака. Идејата на барот е да понуди простор за разговори што не припаѓаат во канцеларијата, ниту семеен ручек, ниту кафе со пријатели.
Постои голем емотивен простор помеѓу речениците „Ја сакам својата работа“ и „Не можам повеќе, си одам“. Токму во оваа сива зона многу луѓе остануваат без вистински соговорник. Семејството и пријателите честопати не се објективни, бидејќи се водени од загриженост или лични очекувања. Од друга страна, одењето во агенција за вработување подразбира си-ви, формално интервју, јасно дефинирани цели, очекувана плата и причини за напуштање на моменталната позиција, честопати пред да бидете сигурни што сакате.
Во овој бар, нема потреба да носите биографија, да носите деловен костум или да направите список на вашите мани и доблести. Иако името вели „консултации“, атмосферата е повеќе пријателска отколку формална. Тука можете да кажете: „Не ја мразам својата работа, но не сум сигурен дали сакам да продолжам вака засекогаш“, без страв дека некој веднаш ќе ви понуди огласи и ќе ви испрати апликации за нови работни места.
Разговорите се индивидуални, па затоа е потребно однапред да закажете преку апликацијата „Лајн“, а деталите се достапни на официјалната веб-страница на барот. Состаноците обично траат помеѓу 60 и 90 минути, но нема строго временско ограничување.
И она што ја прави оваа приказна уште поинтересна и пијалаците и разговорите се целосно бесплатни. Се нудат и алкохолни и безалкохолни пијалаци, а единственото нешто што се бара од гостите е искреност кон себе.




