SpaceX објави дека го купи xAI, спојувајќи ги двете компании на милијардерот Илон Маск во она што наводно е највредната приватна компанија во светот.

Маск во изјава на веб-страницата на SpaceX рече дека спојувањето претставува „следно поглавје“ во заедничката мисија на SpaceX и xAI, објави CNN.
Аналитичарите велат дека овој потег укажува на потребата на xAI за поголеми финансиски и компјутерски ресурси во сè поконкурентната област на вештачката интелигенција, како и на растечката важност на оваа технологија за иднината на истражувањето на вселената.
Според истражувачката фирма PitchBook, вредноста на SpaceX се проценува на 800 милијарди долари по секундарната продажба на акции во декември 2025 година, додека xAI се проценува на 230 милијарди долари по последната рунда на финансирање во јануари.
Маск рече дека напредокот во вештачката интелигенција во моментов се потпира на големи центри за податоци на Земјата, кои бараат огромни количини на енергија и ладење, и процени дека „логичното решение“ е да се преместат ваквите системи во вселената.
SpaceX минатата недела побара дозвола од Федералната комисија за комуникации за лансирање констелација од еден милион сателити, со цел создавање мрежа од центри за податоци на сончева енергија за потребите на вештачката интелигенција.
Според проценките на Маск, вештачката интелигенција би можела да се развие најевтино во вселената во рок од две до три години.
Во меѓувреме, растот на побарувачката за компјутерска моќ и енергија веќе поттикнува големи инвестиции во инфраструктура од страна на технолошките компании, додека во некои делови од Соединетите Американски Држави има значителни скокови на трошоците за електрична енергија во близина на центрите за податоци.
xAI, кој неодамна собра 20 милијарди долари од инвеститорите, е сопственик и на социјалната мрежа X, чиј четбот со вештачка интелигенција Grok се соочи со критики за проблематична содржина.
Сепак, интересот на инвеститорите за вештачката интелигенција останува силен, според CNN.
Во минатото имало значителна соработка и преклопување на персоналот помеѓу SpaceX и xAI, иако некои поранешни вработени предупредија за можни културни разлики меѓу компаниите.
Во декември, Маск ги потврди плановите за почетна јавна понуда на акции на SpaceX, која наводно би можела да биде меѓу најголемите во историјата и дополнително да ја зголеми неговата веќе огромна нето вредност.
SpaceX has acquired xAI, forming one of the most ambitious, vertically integrated innovation engines on (and off) Earth → https://t.co/3ODfcYnqfg pic.twitter.com/el40rCUBGe
— SpaceX (@SpaceX) February 2, 2026



