дома Култура Ѕвездан Георгиевски: Во Македонија тешко се воспоставува традиција, ама затоа лесно се...

Ѕвездан Георгиевски: Во Македонија тешко се воспоставува традиција, ама затоа лесно се урива.

Романот, каков и да е, несомнено го одразува времето и контекстот во кој е создаден. Без оглед дали станува збор за иронија, сарказам, сатира или реализам. Во таа смисла, се надевам дека главниот критериум за да се награди еден роман не е неговиот тематски пристап кон стварноста, каков и да е тој, туку неговата безвременост, или барем неговото долго траење. Односно неговата повеќезначност.

И „Дон Кихот“ е пишуван со една намена, ама ние денес поинаку го читаме вели во  интервју на „48 Часа“,   Ѕвездан Георгиевски  . Во продолжение дел од интервјуто

Дали „Роман на годината“ повеќе личи на новинарска истрага што се повторува секоја година, отколку на книжевна церемонија? Што е потешко: да се избере добар роман или да се зачува довербата во процесот?

– Не. Идејата на „Романот на годината“ беше токму да се избега од новинарската рутина. Сржта на новинарскиот занает е да ги следи настаните, да ги анализира појавите и феномените и, ако сакате, да ја коментира секојдневната агенда.

Таму некаде, на почетокот на 90-тите години од минатиот век, неколку колеги, заедно со мене, го основавме првото македонско приватно радио „Канал 4“. На една од средбите со малите и приватните радиостаници од регионот се видов со Веран Матиќ, тогаш првиот човек на култното белградско радио „Б92“. Го прашав како е можно јас да ја знам целата програмска шема на тоа радио, а нивниот домет да не е поголем од една белградска четврт. Ми рече дека е многу важно медиумот да излезе од себе, да создава, а не само да следи настани: да организира хепенинзи, изложби, концерти, да објавува книги…

На тој начин се брендира самиот медиум и станува општествено релевантен. Набргу потоа го продадовме „Канал 4“, но секако го запомнив овој разговор.

Кога во 1999 година се формира „Утрински весник“, јас бев уредник на културната рубрика и размислував како „да излеземе од себе“. Според природата на рубриката, а ако сакате и според моите афинитети, најопортуно ми изгледаше да формираме една литературна награда. Во Македонија немаше награда за роман, па романот се наметна како логичен избор.

За разлика од денес, тогаш романот во квантитативна смисла беше прилично потиснат од поезијата, па сметавме дека една ваква награда ќе придонесе за негов квантитативен, но и квалитативен развој.

Што се однесува до вториот дел од прашањето, би рекол дека овие две работи не се неспоредливи, туку компатибилни. Не можете да имате респектабилна награда, награда од доверба, ако не изберете добар роман. И обратно, не можете да изберете добар роман ако имате компромитиран процес.

Жири-комисијата на „Романот на годината“ е составена од петмина реномирани дејци од областа на книжевноста, и тоа од што е можно поразлични профили и генерации, со различни естетски афинитети. Мене ми се случувало некои членови на жири-комисијата првпат да се запознаваат меѓу себе, иако, условно кажано, со години работат на исто поле.

Ако некој роман го помине тоа сито, бидете убедени дека заслужено го добил признанието таа година.

Втората причина за довербата во наградата е транспарентноста на целиот процес. Објавуваме извадоци од сите пристигнати романи. За секој состанок на комисијата јавноста навремено се известува. Се објавуваат сите селекции што ги прави комисијата.

Лично страшно се трудам да не падне никаква трошка сомнеж врз оваа награда. Еве еден банален пример. Кога пред десетина години и самиот почнав да пишувам литература, избирав издавачи што не објавуваат или многу ретко објавуваат романи од домашни автори. Не објавувам книги кај оние издавачи на кои романот им е важна ставка во нивната уредувачка политика, само затоа што постои голема веројатност некое нивно издание да ја добие оваа награда.

Не сакам после некој да каже: „Ете му објавија книга на Ѕвездан, а тој им даде награда“. На крајот на краиштата, не сакам да се омаловажи наградениот роман, кој сосема заслужено ја добил својата титула.

zveki 2 final

Ако историјата на „Роман на годината“ еден ден стане роман, кој би бил главниот лик — писателот, жирито или јавноста?

– Ниту еден од нив. Или сите тие. Романот е главниот лик. Секогаш потенцирам дека ова е награда за роман, а не за писател. Го наградуваме романот, а не човекот што го напишал.

На пример, по општото убедување, еден од најдобрите македонски романсиери, Петре М. Андреевски, со својот последен роман „Тунел“ не успеа да влезе ниту во финалниот избор. Не навлегувам во квалитетите на романот, но, ете, таа година имало подобри од него.

Тогаш наградата ја доби романот „Разговор со Спиноза“ од дотогаш анонимен млад автор — Гоце Смилевски. Ако се даваше наградата според имињата на писателите, секако ќе ја добиеше или Андреевски, или Луан Старова, или Атанас Вангелов… кои таа година учествуваа во конкуренцијата.

Жири-комисијата е важна ставка во целата приказна. Од нејзината кредибилност зависи целиот процес.

Што се однесува до јавноста, „Романот на годината“ се појавува како некаков водич низ македонската романсиерска продукција. Годинава, на пример, во конкуренција влегоа 46 романи. Јас не верувам дека во Македонија има 46 книжарници, така што, при недостиг на литературна и воопшто уметничка критика, ние сме некаков репер, некаков критериум, да му олесниме на читателот да направи избор според сопствените афинитети.

Кој тип роман најчесто неправедно останува невиден во Македонија — експериментален, жанровски, политички… и дали наградата некогаш свесно „враќала“ такви романи во игра?

– Јас лично многу сакам жанровска литература. Сакам научна фантастика, трилери, хорори…

Лошо е ова што ќе го кажам, ама така е: многу тешко може да се очекува жанровска литература да биде овенчана со награди. Ако е детективски роман, тогаш тој мора да биде на нивото на „Името на розата“ на Умберто Еко.

Рејмонд Чендлер, за мене еден од најдобрите автори во овој жанр, нема да добие никаква награда. Нобеловата награда нема да ја добие Агата Кристи, туку Иво Андриќ.

Истото важи и за останатите жанрови. Дури ни Артур Кларк не може да се пофали со некаква особена валоризација на неговата литература. За Даглас Адамс или Тери Прачет воопшто да не зборувам.

Жал ми е што е така, ама така е — оние „универзални“ награди, оние што се однесуваат на сите жанрови, по природа се „поакадемски“ и претпочитаат теми и пристапи што ќе бидат блиски до поширок слој читатели, а сепак ќе презентираат завиден квалитет.

Да не се разбереме погрешно: во Македонија егзистира солидна жанровска литература. Имаме одлични научнофантастични романи, трилери, па и политички трилери, љубовни романи, дистопии…

Мислам дека решението е да се воспостават признанија по жанровски принцип. Како Фондација дури размислувавме во оваа насока, ама констатиравме дека постои сериозна можност да се „разводниме“ и практично да го обезвредниме нашиот главен „бренд“, „Роман на годината“. Оваа задача останува за некои други ентузијасти.

Што кажува списокот на добитници за Македонија низ годините — дали нашите романи стануваат потемни, поиронични, поинтимни?

– Одговорот на ова прашање би им го оставил на нашите литературни теоретичари и историчари на литературата. Факт е дека во македонската литература, како впрочем и секаде во светот, нема некој доминантен правец.

Но, сепак, од списокот на добитниците и од списокот на учесниците можат да се заклучат некои работи.

Прво, Македонија има низа квалитетни романсиерски автори. Доказ за тоа е што во овие 26 години постоење, само Оливера Николова два пати ја доби наградата. Никој друг.

Искрено, ова е мое најголемо изненадување, затоа што не верував дека една мала култура како македонската (мала по бројот на говорители на јазикот, по писменоста, по културната инфраструктура, по медиумскиот третман на културата итн.) може да произведе толкав број квалитетни автори.

Втора работа што се гледа со бегло пролистување на списоците на пријавените романи и на добитниците е преземањето на „доминацијата“ на авторките врз авторите.

На пример, првите пет добитници на наградата „Роман на годината“ беа автори. Процентот на авторките во тоа време беше значително мал.

Откако Фондацијата „Славко Јаневски“ ја презеде наградата, неа ја добија шест авторки и двајца автори. Сега авторките во принцип се побројни од авторите и меѓу учесниците на конкурсот.

Причините за оваа појава се бројни и заслужуваат посебен третман, така што не би навлегувал сега во нив.

Кој од добитниците на „Роман на годината“ направил најсилна меѓународна траекторија — преку преводи, фестивали, странски изданија? Дали наградата реално помага романот да излезе надвор од македонскиот јазичен круг?

– Да, наградата секако помага романот да излезе „надвор“. Особено во регионот.

Лично знам дека некои издавачи од регионот ја следат наградата и дека тоа им е препорака, ако им се „вклопат коцките“, да преведат нешто од македонската литература.

Огромен дел од романите-лауреати се преведени и објавени на српски, хрватски, бугарски…, па и на други јазици: англиски, француски, германски…

Да не зборувам дека речиси секој роман-добитник има доживеано најмалку две, а често и повеќе изданија. Ова ми е битно затоа што Министерството за култура од некои причини не ги финансира повторените изданија, што значи дека нив ги финансираат читателите, односно купувачите на таа книга.

Она што сакам да го кажам е дека Фондацијата, како што впрочем не беше ни „Утрински весник“, не е литературен агент, не е промотор на романите, не е издавач, не оди по саеми на книги, не контактира издавачи…, така што натамошниот пробив на романот, освен од неговиот квалитет, во голема мера зависи од „вмреженоста“ на авторот и издавачот со нивните европски, па и светски колеги, од нивната амбиција, смисла за сопствен маркетинг, претприемаштво итн.

Во таа смисла, немам квантитативна евиденција кој од авторите на романите што добиле награди „најдалеку стасал“ во светот. Од она што бегло го знам, мислам дека Гоце Смилевски е доста преведуван, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, мислам и Давор Стојановски… и секако некого ќе прескокнам.

Тука набројав некои во тоа време млади и тогаш релативно непознати автори. Дури и еден Венко Андоновски, кога во 2000 година ја доби наградата за романот „Папокот на светот“, беше млад и релативно непознат автор.

Но, наградата ја добивале и веќе реномирани писатели, од типот на Оливера Николова, Луан Старова, Митко Маџунков, Влада Урошевиќ… (и тука ќе заборавам некого), кои веќе имале свои кариери, така што наградата не нужно им значела ветер во грб, туку респектабилно признание за нивната креативност.

Дали некогаш сте имале година кога сите членови на жирито биле во право — но секој за различен роман, или што значи „најдобар“ кога има повеќе вистини?

– Како мислите „некогаш“? Секогаш!

Искрено, не се сеќавам кога одлуката била едногласна. Можеби во првите години, но никогаш повеќе.

Лично воопшто не сакам едногласни одлуки. Тоа ми личи на „местенка“. Не е нужно она што ви се допаѓа вам да ми се допаѓа и мене.

Не кажувам ништо ново кога ќе кажам дека творештвото не е трка на 5.000 метри па точно да се знае кој е најдобар.

Но, еве, ќе го споредам со еден друг пример. Знаете ли која е највисоката оценка на факултет? Шест, се разбира. За да ја добиете оваа оценка треба да знаете барем половина од материјалот.

Сета друга градација се намалува. Најмалата разлика е меѓу девет и десет. Знаењето го имате.

Единствениот критериум што ги разликува овие оценки е афинитетот: каков ви бил вам денот, како нему; дали сте запелтечиле на испитот итн.

Мене лично најважен ми е најтесниот избор на романите. Кога тој ќе биде направен, јас ги прашувам сите членови на жирито (групно или поединечно) дали сметаат дека било кој од тие наслови може да ја носи титулата „Роман на годината“, и досега никогаш не сум добил негативен одговор.

И тогаш ми е сèедно. Кој и да е — заслужил.

Најстрашната варијанта, иако е можна само теориски, е во најтесниот избор да влезат пет романи и зад секој наслов да застане еден член од жирито. Не знам што би правеле тогаш. Веројатно би оделе на некоја варијанта на ждрепка.

Инаку, многу пати досега сме имале прегласувања. Се сеќавам една година четири романи беа во најтесен избор. При првото гласање еден роман доби два гласа, другите три добија по еден.

Со два гласа не се станува „Роман на годината“ (нема мнозинство), па го тргнавме тој роман на страна и жирито гласаше меѓу другите три.

Од нив еден роман доби еден глас, другите два романа по два. Па го тргнавме тој роман со еден глас и жирито гласаше меѓу овие два што имаат по два гласа.

И конечно, меѓу тие два романа едниот победи со три наспроти два.

И знаете што? Ниту еден член на комисијата немаше ништо против тој роман да се закити со наградата. Затоа што заслужил — токму како и другите романи што влегле во најтесниот избор.

Дали македонскиот роман денес е отпор кон реалноста или бегство од неа? И дали наградата повеќе ги наградува оние што ја критикуваат стварноста или оние што ја преосмислуваат?

– Романот, каков и да е, несомнено го одразува времето и контекстот во кој е создаден. Без оглед дали станува збор за иронија, сарказам, сатира или реализам.

Во таа смисла, се надевам дека главниот критериум за да се награди еден роман не е неговиот тематски пристап кон стварноста, каков и да е тој, туку неговата безвременост, или барем неговото долго траење. Односно неговата повеќезначност.

И „Дон Кихот“ е пишуван со една намена, ама ние денес поинаку го читаме.

zveki 3 final

Наградата преживеа згаснување на весник, транзиција во фондација и финансиски турбуленции. Што е најопасниот непријател на една книжевна награда: политиката, парите или рамнодушноста?

– Јас излегов од „Утрински весник“ во 2007 година. Бев инволвиран во наградата, мислам, до 2009 или 2010 година и потоа сосема се дистанцирав (или ме дистанцираа, како се земе).

Меѓутоа „Утрински весник“ беше моја редакција и секогаш така ја чувствував.

Откако згасна „Утрински“, би рекол сосема случајно се собравме во една кафеана дел од неговите оснивачи и јас. Се разбира, ламентиравме над судбината на весникот, со целосна свест дека сме немоќни да го спасиме, но затоа решивме да ја спасиме наградата.

Знаете како е: во Македонија тешко се воспоставува традиција, ама затоа лесно се урива.

Јас сум „лицето“ на Фондацијата, ама иницијаторите се Манчо Митевски, Ерол Ризаов, Бранко Тричковски и, се разбира, јас.

Претседателка на Извршниот одбор е ќерка му на Славко Јаневски — Јана Јаневска Терзиоска.

Волонтерски константи во Фондацијата сме јас и колешката Катерина Богоева. И, се разбира, уште грст луѓе кои се подготвени да помогнат со својот ангажман.

Фондацијата нема свои простории (регистрирана е на мојот стан), нема вработени, нема телефонски број и воопшто нема никакви услови за работа, ама сепак опстојува.

Трошоците за наградата (нејзиниот износ, хонорарот за жири-комисијата и статуетката) ги покрива генералниот покровител „Комерцијална банка“ АД Скопје (знам дека ова е реклама, ама мислам дека и треба да се рекламира).

Останатиот дел од функционирањето на наградата (промоции низ Републиката, коктелот за врачувањето, салата, трошоците на жирирањето, тркалезните маси, изданијата и слично) се покрива делумно од поддршката на Министерството за култура, а делумно и од наши средства.

Проблемот со поддршката од Министерството е нивната неконзистентност. Ќе ви се случи, на пример, една година да добиете две илјади евра, а следната 600 евра. Не можете да планирате ништо и не можете да водите конзистентна политика.

Своевремено, преку Културно-информативниот центар, нѐ поддржуваше и градот Скопје, кој, од некои причини, нагло ја откажа веќе доделената поддршка.

Со други зборови, никогаш не знаете на што сте.

Интересот кај спонзорите е прилично слаб, да не кажам никаков. И тоа е реално. Што добиваат тие од ова? Истакнување на нивниот банер два-три пати годишно! И толку.

Сакам да кажам дека проблемот е системски. Станува збор за целосно непрофитна Фондација и, се разбира, целосно непрофитна награда.

Ѕвездан, дали некогаш сте помислиле дека ова е ваше „животно дело“ — не само книжевно, туку и граѓанско?

– Не сум помислил. Знам дека е мое животно дело во секоја смисла.

Тоа го сфатив и кога пред некоја година прославивме четврт век од постоењето на наградата.

Се сеќавам дека кога јас имав 25 години, бев веќе вработен во „Нова Македонија“ и известував од Струшките вечери на поезијата.

Таa 1986 година лауреат на „Златниот венец“ беше Ален Гинзберг, а СВП го славеа својот 25-годишен јубилеј.

Можете само да замислите колку „стара“ ми изгледаше таа манифестација.

Во едно друштво, со еден мој генерациски исписник, баш коментиравме колку се „матори“. И тогаш некој друг во друштвото рече нешто во смисла дека ако во Македонија нешто трае повеќе од 20 години, тоа значи дека вреди.

Еве, сега „Роман на годината“ ќе се додели по 27-ми пат.

Сакам и се надевам дека оваа награда ќе продолжи и без мене.

Јас сум веќе во пензија и, искрено, заморен сум од залудно „обивање врати“. Некогаш, во моменти на депресија, си помислувам да кренам раце од сè.

Ако на државата Македонија не ѝ треба оваа награда, тогаш што ќе ми е мене?

Од друга страна, сакам да верувам дека ова навистина ми е животно дело и дека ќе ме надживее, дека ќе се сфати која улога ја има оваа награда за македонската култура, па ако сакате и за македонскиот идентитет, како што е тоа денес модерно да се каже.

И за крај, каде ја гледате иднината на македонската книжевност?

– Ме сметате за футурист? Се шегувам.

Секоја година на конкурсот пристигнуваат пет-шест романи со кои не само што нема да се посрамиме пред Европа, туку се сосема рамноправни со нивните најдобри романи таа година.

Јас, се разбира, не можам да ја предвидувам иднината, ама константата е таа: квалитетот на македонската романсиерска литература е константно во подем.

И јас се надевам дека овој тренд ќе продолжи.

Редакција: 48 Часа

Фотографија: Огнен Бошњаковски

ПредходнаМакедонско-словачки бизнис форум во Скопје
Следна„Бесмртна љубов“: Разгледницата на Рацин до неговата Раца