Политичката драма „Yellow Letters“ триумфираше на 76. издание на Берлинскиот филмски фестивал, освојувајќи ја Златната мечка за најдобар филм. Наградата во Берлин ја прими германско-турскиот режисер Илкер Чатак, од рацете на претседателот на жирито, Вим Вендерс.
„Жолти писма“ ја освои „Златната мечка“ за надобар филм на 76. издание на Берлинале
„Yellow Letters“ е драма за брачна и професионална криза на театарска двојка, откако сопругот станува мета на државен притисок поради критичка онлајн содржина. Последиците се лични и социјални, губење на работата, изолација и распад на дотогаш стабилниот живот.
Токму таа тензија меѓу приватното и јавниот притисок беше во фокусот на жирито. Вендерс го опиша филмот како предупредување за „јазикот на тоталитаризмот“ и за механизмите на репресија што можат да се препознаат и надвор од конкретниот национален контекст.
Годинешната Берлинале не беше само филмски настан, туку и сцена на културна и политичка дебата. Полемиките околу изјавите на Вендерс на отворањето, како и реакциите на дел автори поврзани со ставовите на фестивалот кон војната во Газа, останаа присутни до самата церемонија. Во таква атмосфера, победата на „Yellow Letters“ доби и дополнителна симболика – како одраз на чувствителноста на европската културна сцена кон теми како авторитаризам и слобода на изразување.
Сребрената мечка – Гран при на жирито ја доби „Salvation“ на Емин Алпер, додека Наградата на жирито му припадна на „Queen at Sea“ на Ленс Хамер. Германската актерка Сандра Хилер беше наградена за најдобра изведба за улогата во „Rose“. Листата на добитници ја потврди доминацијата на авторски, ангажирани и политички обоени филмови.

Македонски одек: „17“ со позитивни критики
Во рамки на фестивалските проекции, македонскиот филм „17“ на режисерката Косара Митиќ привлече значително внимание кај европската критичка јавност. Иако не беше меѓу главните награди, филмот беше оценет како зрело и емотивно остварување, со јасен авторски ракопис и социјална чувствителност. Дел од европските критичари го издвојуваат како едно од поинтимните, но силно артикулирани дела на програмата, нагласувајќи ја неговата генерациска перспектива и визуелна дисциплина.
Со тоа, Берлинале 2026 не само што испрати силна политичка порака преку главниот победник, туку отвори простор и за регионални гласови што се пробиваат со сопствена автентичност.




