Судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје определи мерка краткотраен притвор од 48 часа против Стојанче Јовановски, сопругот на 31-годишната жена, која заедно со своето 6-годишно дете се самоуби со фрлање од балкон во Карпош. Таткото насилник се сомничи за наведување на сторување самоубиство, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурноста.

Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик.
Притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата. По предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.



