Шест романи влегоа во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2025 година. Станува збор за делата: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: роман за верижната вина“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или-или“), „Три Марии: роман-басма“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Либрис“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).

Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав: Калина Малеска (претседателка на жирито и минатогодишна лауреатка), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева.
Од жирито посочуваат дека годинава конкуренцијата меѓу објавените романи е особено изедначена, што се гледа и од фактот дека во најтесниот избор влегоа дури шест дела – веројатно најмногу во историјата на наградата.
Името на добитникот ќе биде соопштено на прес-конференција на 13 март во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.
Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а поддршка дава и Министерството за култура и туризам.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, во издание на „Или-или“. Свеченото врачување на наградата годинава е најавено за средината на мај.




