„Вечниот Бог слезе и во Дева се всели-Свет, Свет, Свет си и Пресвет Господи
Царот на сите и Господ, дојде Адам да го преобрази-Свет, Свет, Свет си и Пресвет Господи…“
Пеејќи ја коледарската песна „Вечниот Бог“, со златни божиќни ѕвезди во рацете и радосни лица, најмалите во Гостивар го најавија Христовото раѓање. Традиционалната Бадниковата поворка со дечињата ангелчиња, на денот предвесник на големиот христијански празник Божик, ги полни душите на верниците и никого не остава рамнодушен. Поворката од стотици деца тргна од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ по литургијата во чест на Бадник. Анѓелчињата се движеа низ централното градско јадро, низ улиците „Илинденска“ и „Гоце Делчев“ и завршија во црквата „Св.Петка“, кај железничката станица, кадешто беа дарувани.
Бадниковата поворка е начин на пренесување на радосната вест за раѓањето на Исус, а на чело секогаш се носи Божиќна пештера.
Поворката ја организира црквата со благослов на митрополитот г.Јосиф и поддршка на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Прославувањето на Бадник во Гостивар традиционално продолжува со вечерна богослужба во 17 часот, осветување на бадниковите гранчиња и огномет во 19 часот.
Бадник значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник, што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради очекувањето на денот на Христовото раѓање.
Таа будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата – читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен разговор за библиските настани.
Новогодишно ИНТЕРВЈУ | Гостин: Дедо Мраз
Leave a Reply