Ерусалимскиот патријарх Теофил Трети излезе од Едикулата и почна да им го дели на народот пламенот, кој, како што се верува, настанал со чудо, по молитва. Овој храм е едно од најважните христијански светилишта и во него, во пресрет на Велигден, се појавува Благодатниот оган.
Според традицијата, црквата била изградена токму на местото на распнувањето, погребот и воскресението на Исус Христос, за слегувањето на благодатниот оган зборувал и апостол Петар.
Обредот на наметнување оган се врши откако претходно се провери дека никој не донел запалувачки агенс во храмот. Потоа следи призивот на Светиот Дух.
Ерусалимскиот патријарх прв го прими огнот на својата свеќа и им го предаде на останатите. Огнот при допир наводно не предизвикува изгореници, ниту пак се чувствува жешко.
Годинава беше неизвесно како ќе се одвива чинот на слегувањето на Благодатниот оган, имајќи предвид дека Храмот на Христовиот гроб во Ерусалим беше затворен за поклоници и посетители, откако изралеските власти воведоа воени ограничувања поради конфликтот со Иран.
Вратите на храмот беа повторно отворени на Велики четврток по постигнатото примирје со Иран.
Според историските записи и преданија, Светиот оган најверојатно прв пат се појавил во 33 г. од н.е, точно во времето на Воскресението на Исус Христос, од полноќ на Велика Сабота па до неколку часа пред разденување на Воскресна Недела. И сè до денес, повеќе од два милениума Благодатниот оган и понатаму како молња слегува на Христовиот гроб секоја Велика Сабота, неколку часа пред прославата на Неговото Воскресение.
На спуштањето на огнот му претходи сложен чин: вратата на кувуклијата е запечатена со голем восочен печат како знак дека нејзиното детално прегледување е завршено и дека внатре не е пронајдено ништо што би можело да му послужи на ерусалимскиот патријарх на каков било начин да запали оган.
Непосредно пред влегувањето на патријархот, печатот се отстранува и се внесува голем свеќник и 33 свеќи. Патријархот и присутните верници во храмот потоа непрекинато се молат за појавување на Благодатниот оган.
По спуштањето на огнот, патријархот излегува од кувуклијата им го предава светиот дар на собраните верници. Вообичаено во Црквата на Светиот гроб и во нејзина близина во Ерусалим на овој ден се собираа илјадници верници, кои по преземањето на Благодатниот оган од рацете на ерусалимскиот патријарх го пренесуваат понатаму.
Во изминатите години, претставници на помесните православни цркви го преземаа Благодатниот оган од аеродромот во Тел Авив и го пренесуваа во своите земји, но оваа година тоа е отежнато поради состојбата на Блискиот Исток и воведените ограничувања во авиосообраќајот и безбедносните мерки