дома Локално Средба на европски градоначалници како претходница на СКОПЈЕ Европскиот град на културата

Средба на европски градоначалници како претходница на СКОПЈЕ Европскиот град на културата

 

  Претставници на локалните власти од Кемниц (Германија), Горица (Италија) и Нова Горица (Словенија) денеска престојуваат во Скопје, каде што заедно со Град Скопје реализираат низа активности посветени на размена на искуства поврзани со титулата европска престолнина на културата, која Скопје ќе ја носи во 2028 година. Официјалното обраќање се одржа во „Јуроп хаус“, каде говореа заменик-шефот на ЕУ Делегацијата Бен Нупнау, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалниците на Нова Горица и Горица – Само Турел и Родолфо Зиберна, како и претставничката од Кемниц, европската престолнина на културата, Џозефин Хаге.

-Како градоначалник на Градот Скопје сум домаќин на тројца мои колеги. Сите имаат искуство со градови престолнини на културата, нешто што ние го имаме во 2028 година.   Моите колеги кои денеска се гости во Градот Скопје, ќе можат искуствата да ми ги пренесат и мене како градоначалник, но и на целиот тим којшто е вклучен во целиот процес. Сите предизвици коишто ги имале во текот на процесите кога се одвивале во нивните градови ќе ги споделат со нас, за што полесно ние да пристапиме кон сето ова, рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека со овој проект ќе има обединување како на Градот Скопје, така и на скопјани, а очекува и зголемување на бројот на туристи.

-Градот е мултиетнички и единствен начин сите ги обединиме е или преку културата или преку спортот. Ова е вистинска можност преку културата да го обединиме целиот народ овде во Скопје. Од една страна, тоа е димензијата на целиот процес. Она што ќе бидат сите инфраструктурни проекти што ги планираме во рамки на процесот, а тоа е реконструкција на Кале, бидејќи најголем дел од настаните ќе се одржуваат на Кале. Старата скопска чаршија, која што вчера, благодарение на поддршката на Министерството за култура, започна да се реконструира. Аквадуктот, едно место што е вистински симбол на градот Скопје, е една реткост во Европа, таков еден споменик да имаме ние. Тој ќе биде претворен во летна сцена, летна арена, која што ќе биде примамлива и за скопјани и за луѓето од земјава, но и за луѓето од Европа да можат да го посетат, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека еден од најкапиталните објекти во Градот Скопје ќе биде Старата пошта, за која што, како што рече, се во постапка со Владата да ја преземат, и во план е таа да се претвори во младински хаб, но и симбол на Скопје – Град престолнина на културата.

-Ако направиме паралела како Скопје изгледаше минатата година во ова време, ќе се сетите дека Скопје личеше на џунгла. Од една страна, не беше одржувано, кејот беше во катастрофално лоша состојба. Таква не е сликата денес. Денес е гордост за сите скопјани. Денеска имав можност од мост „Кале“ кејот да им го презентирам на моите гости и навистина преубаво изгледа. Да, имаме одредени потешкотии сè уште во дел од јавните претпријатија, но дали е подобрено – сериозно е подобрена сликата, посочи тој.

Ѓорѓиевски потсети дека веќе е во фаза на евалуација постапката за набавка на 100 автобуси за Градот Скопје и 50 за внатрешноста на земјава, како и  40 нови камиони за комуналната хигиена.

-Градот е стабилизиран, не должиме веќе на никого ништо. На сметката на Градот Скопје постојано имаме од четири до шест милиони евра. Капиталните проекти коишто беа закочени години наназад – еден од тие беше Момин Поток. Веќе објавив во медиумите, но и на седница на Совет, имотно-правните односи ни се целосно решени таму и интензитетот на градба е сериозно зголемен. Наредната недела ќе имаме продолжување на градежните активности, конечно да го довршиме булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода, повеќедецениски проблем за граѓаните. Неделата после тоа веќе се подготвуваме за „Љубљанска“, мостот, но и многу други проекти, рече тој.

 

Според него, оваа значајна улога го подобрува партнерството со други европски градови, со институциите и со уметниците, па секако тоа е можност директно да се ангажираат граѓаните преку нивно учество во настаните, волонтерство и активна инволвираност.

По официјалниот дел, се одржа техничка работилница, на која претставниците на европските престолнини на културата за 2025 година ги споделија своите искуства и добри практики со организацискиот тим „Скопје 2028“.

Посетата ќе биде заокружена со отворањето на изложбата „Инспирација“ во Музејот на град Скопје, која содржи фотографии од европските престолнини на културата за 2025 година. Изложбата ќе биде отворена за јавноста, бесплатно, од 15 до 26 април годинава.

ПредходнаВерските лидери го осудија инцидентот со објектот на Еврејската заедница и повикаа на одговорност, разум и доблест и да се зачува соживотот
СледнаСтоп за Вардариште: По седум месеци повторно гори Вардариште