
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, на „Фејсбук“ објави фотографии од настан со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, кој се одржа вечерва на плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
Меџити е заедно со вицепремиерот Арбен Фетаи и други претставници на владејачката коалиција на партии на македонските Албанци, „Вреди“. На објавените фотографии може да се видат десетици знамиња на Албанија (во рацете на деца-играорци), но не и македонското државно знаме, објави Слободен Печат. Доколку тоа некаде било истакнато и фотографирано, Меџити тие фотографии не ги вклучил во објавата.

Во објавата, Меџити наведува дека заедно со Спиропали положиле цвеќе кај бистата на Ѓерѓ Кастриот – Скендербег, на плоштадот што го носи неговото име, истакнувајќи почит кон „заедничката историја“ и кон фигурата која, како што пишува, го симболизира албанскиот идентитет, отпорот и единството. Според неговите зборови, моментот бил потсетник дека националните вредности треба да останат водилка и денес, во време на нови предизвици и одговорности.

Меџити додава и дека со таа „духовна порака се продолжува градењето мостови на соработка и се зајакнуваат врските меѓу државите и политиките“.




