Министерот Зоран Љутков, кој присуствуваше на претставувањето, истакна дека со доделувањето на „Златниот венец“ на Анеке Брасинга се зацврстува и една значајна културна врска меѓу Македонија и Холандија, врска што се гради преку литературата, преводот и заемната љубопитност на две култури што се среќаваат во просторот на поезијата.
– Постојат моменти кога зборовите не се доволни за да ја соберат онаа тивка моќна сила со која еден автор преку своето дело успева да го помести светот подалеку од прозаичното и поблиску до суштественото. Денес не прогласуваме лауреат. Прогласуваме сведоштво. Прогласуваме доказ дека поезијата е врвен акт на творечка храброст и дека Струшките вечери на поезијата оваа година имаат поетски глас, што во полна творечка убавина ќе одекне пред светот – нагласи Љутков пред присутните.
Тој додаде дека постојат биографии што се пишуваат со животот и постојат биографии што животот ги обликува како историја.
Тој додаде дека Струшките вечери на поезијата постојат во силна верба, дека зборот е свечен аргумент на убавината.
– Шеесет и пет години. Толку пати Струга и Македонија го отворале срцето пред светот и порачале – дојдете, слушнете, останете барем толку, колку што трае еден стих. И светот доаѓал. На мостовите на Дрим застанале поетски големини како Неруда со својата страст кон животот, Јевтушенко со гневот против неправдата, Бродски со својата егзилска меланхолија, Адонис со мудроста на древниот Ориент, Ко Ун со тишината на будистичката длабочина… Имиња што се пресвртници во историјата на поезијата – истакна министерот.
Денес името на Анеке Брасинга го збогатува тој престижен пиедестал, истакна тој, нагласувајќи дека не како додаток, туку како логично продолжение на таа низа.
– Струшките вечери на поезијата и Македонија со „Златниот венец“ денес изразуваат благодарност кон авторка која целиот свој живот го прави токму она што го сметаме за наша врховна мисија: ги чува зборовите пред да исчезнат, ги преведува пред да замолчат и создава нови пред светот да заборави дека има насушна потреба од нив – рече министерот.
Љутков се обрати и директно до Анеке Брасинга.
– Добредојдовте во семејството на лауреатите на „Златниот венец“. Оваа чест е ваша, но убавината на моментот е заедничка. Затоа што поезијата, дури и кога е напишана во самотија, никогаш не е само за еден. Таа е за сите нас. За оние што доаѓаат по нас. Дури и за оние што сè уште не знаат колку таа им е потребна. Ви благодариме што нè потсетувате дека тишината може да биде полна со значење, а зборот – со вечност – порача министерот за туризам и култура од амфитеатарот на МАНУ.
На настанот беше прочитана порака до Струшките вечери на поезијата од страна на Брасинга.
– Голема чест и големо изненадуване е за мене што Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата ми го додели „Златниот венец“ за 2026 година. Длабоко сум трогната од ова високо признание, уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како со овој венец да е одликувана целата холандска поезија и од минатото и од сегашноста – наведува таа во својата порака.
Таа изразува благодарност што ќе учествува на, како што нагласува, прочуениот меѓународен Струшки фестивал и додава оти се надева дека „Златниот венец“ ќе го носи со достоинство.
– Особено ме исполнува со радост и благодарност сознанието дека дел од мојата поезија се преведува и ќе биде објавена на македонски јазик. И, конечно, ќе ми биде големо задоволство во Охрид да ги посетам споменикот и музејот посветени на писателот А. ден Долард. Тој живеел во едно село недалеку од моето родно место, во шумите на Велуве во источна Холандија. Токму тој на холандските читатели им го откри прекрасниот свет на Македонија, а јас уште од детството бев една од тие читатели – споделува Брасинга.
Образложението за одлуката наградата „Златен венец“ да ѝ се додели на Брасинга, поетеса од Кралството Холандија, пред присутните го сподели в.д. директорот на Струшките вечери на поезијата, Никола Кукунеш.
Анекe Брасинга е родена на 20 август 1948 година во Шарсберген. Кога имала една година, нејзините родители се преселиле во блискиот Арнхем. Шестчленото семејство живеело скромно. Како дете Анекe сакала да стане биолог и многу пешачела во шумите на Гелдерланд. Од 1967 година живее во Амстердам, но исто така сака да престојува и во (дивата) природа. Патувала во Индија, Исланд, Ирска и Шкотска.
Од 1967 до 1972 година Брасинга студирала книжевен превод на Институтот за преведување при Универзитетот во Амстердам. Од 1974 година почнала да објавува свои преводи. Покрај импресивниот број сложени романи, Брасинга преведувала и поезија од Силвија Плат, Харт Крејн, Ингеборг Бахман и Михаел Хофтман. Пишувала есеи за авторите што ги преведувала и објавувала книжевна проза.
Како книжевна прозаистка, Брасинга дебитирала под псевдонимот А. Гарденер во првиот број на списанието „Ревизор“ (De Revisor) (1974), со текстот „Од еден дневник“. Нејзините први преводи и есеи исто така се појавиле во De Revisor – во тоа време платформа за нова генерација млади автори силно ориентирани кон странската книжевност. Како поетеса Брасинга неформално дебитирала во 1985 година со библиофилското издание на нејзината дебитантска збирка за која ја добила наградата „Треванијан“. Таа збирка била вклучена во „Аурора“ (Aurora, 1987), официјалното деби. Во 1989 година била објавена збирката „Имот“ (Landgoed) за која Брасинга ја добила наградата „Херман Гортер“ – поетска награда на градот Амстердам. Нејзината книга книжевна проза „Клешта“ (Hapschaar) била наградена со ЕЦИ – наградата за литература во 2001 година, поетската збирка Huisraad (1998) со наградата „Пол Снук“ во 2001 година, а поетската збирка „Видик“ (Verschiet) (2001) и со наградата за поезија „Ида Герхардт“ 2002 и со престижната ВСБ-награда за поезија 2002.
Нејзините песни се преведени на германски, француски, англиски, руски, унгарски и на шпански јазик.




