Владата ќе ја анализира состојбата со цената на лебот и ќе преземе мерки доколку навистина има причина за реално зголемување, во спротивно ќе бидат казнети оние кои нереално ја зголемиле цената на лебот, вели премиерот Христијан Мицкоски.
– Во текот на денот ќе имам состанок на оваа тема. Ќе го видиме инпутот и ќе видиме дали врз основа на тој инпут навистина има потреба од такво зголемување. Доколку има потреба, тогаш ќе преземеме мерки, а доколку нема потреба, тогаш против тие кои девијантно и непазарно се однесуваат, ќе бидат изречени глоби, рече Мицкоски денеска во изјава за медиуми.
Пекари од Штип, Кочани, Прилеп и Битола најавија дека од денеска ќе ја зголемат цената на белиот леб од три до пет денари.
За предлогот на опозицијата да се намали данокот на додадена вредност за прехранбените производи со цел да се ублажи ценовниот шок кој се очекува со растот на цената на енергенсите, Мицкоски вели дека тоа се мерки што Владата ќе ги разгледува согласно ситуацијата, а не како иницијатива на опозицијата.
За инфлацијата вели дека е во рамки на очекувањата и дека економските показатели се позитивни.




