По изјавата дадена викендот дека ако треба ќе се чека и години и нема да се гласаат уставните измени ако нема предвидливост, денеска премиерот Христијан Мицкоски го зациментира својот став со зборовите – нема да се поместиме ни милиметар, ќе чекаме.
При посетата на Гази Баба, Мицкоски порача дека македонскиот идентитет нема да биде распродаден и упати остри критики кон опозицијата.
– Начинот на кој СДСМ ги гледа евроинтегративните процеси е исклучиво распродавање на македонскиот идентитет и удар врз ткивото. Тоа е мекото ткиво на македонскиот идентитет и со такви политики се загрозува стратегијата што ја градиме како Влада, рече Мицкоски.
Францускиот амбасадор во земјава во интервју за Радио Слободна Европа рече дека Преговарачката рамка не може да се менува и дека таа нуди предвидливост, а уставните измени мора да се усвојат.




