Пекарниците во Штип, Кочани, Прилеп и Битола од денеска со зголемување на цената на белиот леб.

Во пекарниците во Штип, Кочани, Прилеп и Битола се очекува цената на одредени видови леб, особено бел леб од 450 грама, да се зголеми за 3 до 5 денари, при што некои пекари веќе ги корегирале цените, а информациите стигнале и до Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора.
Граѓани велат дека сецканиот бел леб, веќе во одредени продажни места го купуваат по повисока цена.
Пекар од Штип за тв Телма вели дека лебот одамна не добил нова цена, а трошоците за производство се значително зголемени. Проблеми очекуваат сега и со новите глобални случувања и растот на цената на енергенсите.
Претходно поскапеа зејтинот и јајцата, а според реакциите на граѓаните растат и цените на зеленчукот на пазарите, особено на пиперките и доматите.
Спиралата на поскапувања допрва доаѓа , а тоа создава дополнителен притисок врз домашниот буџет.




