Според опозициската СДСМ, новиот јавен обвинител работи под диктат на премиерот Христијан Мицкоски, а најдобра потврда за тоа е неговиот чекор да ги повлече овластувањата за судските предмети меѓу кои се и предметите што ги водеше обвинителката Ленче Ристоска за замрзнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на партијата Венко Филипче денеска на брифинг со новинарите рече дека се партизира судството, наместо да се спроведува реформската агенда.
– Вие ме прашавте пред некое време зошто ние не гласавме во Парламентот. Еве зошто не гласавме и не му дадовме поддршка. Затоа што работи по диктат на Христијан Мицкоски. Има ли поголем доказ од ова да се спасат предметите во коишто ВМРО-ДПМНЕ е предмет на истражување и судски процеси. Има ли поголем доказ? Ова е само дел од востановената пракса уште од почеток од на Владата кога се инсталираа и членови од Судски совет, судии и обвинители итн. Тогаш укажувавме дека се партизира судството, укажувавме дека не се спроведува реформската агенда со законите од правосудството. Ова не не изненадува, обивинителот е под директна контрола на премиерот тоа е знак, и ништо друго, рече Филипче.




