„Светот во кој живееме не е секогаш праведен. Јас мислам дека вие имате една добра претседателка, мислам дека имате една способна влада. Во секој случај, македонските граѓани, македонските носители на одлуки најдобро ќе знаат на кој начин да пристапат кон сето ова. Она што јас го кажав, излагајќи и говорејќи пред студентите на универзитетот во Скопје заедно со претседателката, мислам дека ќе имате избор – дали сакате да бидете во право или сакате да станете членка на Европската Унија“. Ова во интевју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 го кажа претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кој изминатите два дена беше во посета на Македонија и чија држава си постави цел да стане членка на ЕУ во 2028 г.
Од интервјуто со Милатовиќ / Фото: „360 степени“
360: Како гледате вие на оваа македонска сага со Европската Унија?
Милатовиќ: Мислам дека на Македонија ѝ е направена голема неправда во процесот на европските интеграции. Дека тоа е земја која, како што рековте, одамна го доби статусот на кандидат во 2005 година, дури и пред Црна Гора да ја обнови својата независност. Меѓутоа, често токму билатералните односи меѓу Македонија и соседите на Македонија беа главната пречка на македонскиот пат кон ЕУ. И токму од таа причина јас морам да кажам овде, поради македонските граѓани, нашите пријатели, искрени пријатели, во Црна Гора ние Македонците ги доживуваме како браќа. И ова не е став на претседателот на Црна Гора, ова е став на еден обичен човек во Црна Гора, а тоа е дека на сите ни се чини дека навистина на Македонија ѝ е направена неправда и дека Македонија често, како што реков, беше заробеник на одредени билатерални односи и понекогаш на непотребно големи барања на соседите во опкружувањето. Но, знаете како, светот во кој живееме не е секогаш праведен. Јас мислам дека вие имате една добра претседателка, мислам дека имате една способна влада. Во секој случај македонските граѓани, македонските носители на одлуки најдобро ќе знаат на кој начин да пристапат кон сето ова. Она што јас денес го кажав и излагајќи и говорејќи пред студентите на универзитетот во Скопје заедно со претседателката, мислам дека ќе имате избор дали сакате да бидете во право или сакате да станете членка на Европската Унија. И тоа е изборот што го имате. Црна Гора во таа смисла сега е перципирана и од страна на Европската комисија како најнапреден кандидат од сите десет кандидати. Ние досега затворивме 14 преговарачки поглавја. Пред нас е една амбициозна цел, сметаме дека таа е остварлива, а тоа е Црна Гора да стане 28. земја членка на Европската Унија до 2028 година. И иако најмала меѓу сите земји кандидати, Црна Гора сака со својот пример заедно со партнерите во Европа да испрати една важна порака, а тоа е следното – дека проширувањето е живо, дека тоа се случува, дека не е само во зборовите на европските политичари кои, знаете, често доаѓаат во некоја од нашите земји со големи зборови, а можеби малку дела. И токму мислам дека тој успех на Црна Гора е добра порака за сите во регионот дека проширувањето е живо, дека тоа е можно. Мислам дека по сè она што ѝ се случи, на пример, на Македонија, голем број граѓани тука всушност се сомневаат дека тоа воопшто е можно да се случи. Е, токму во таа смисла примерот на успешното членство на Црна Гора е многу важен не само за Црна Гора, туку за сите земји во соседството.
Милатовиќ: Јас мислам дека процесот на европските интеграции е едно силно сидро, таканаречен „road map“ (патоказ) на реформската агенда која секоја од земјите кандидати треба да ја искористи за едноставно да станат општества кои се демократски поразвиени, кои се институционално постабилни и кои се економски поразвиени. Јас, инаку, сум поборник и во Црна Гора, во контекст на нашата внатрешна политика, токму да имаме ваков пристап – навистина суштински да ги спроведуваме реформите што се бараат од нас. Тоа да не бидат само оние формални штиклирања, туку на крајот да не го правиме тоа поради некоја европска бирократија, туку поради нашите граѓани и поради нивниот подобар живот. И ова е суштински еден дар од небото кој го имаме и ние и сите останати земји кандидати за да спроведеме суштински реформи.
целото интервју тука




