КАКО што старееме, честопати имаме помалку пријатели отколку порано. Можеби се чувствуваме малку осамено, без желба да излегуваме и да се дружиме со други луѓе.
Но, тоа би можело да укаже и на нешто многу важно. Можеби има вистина во старата поговорка дека можете да ги изброите вашите вистински пријатели на прстите од едната рака, бидејќи една студија покажа дека луѓето со помалку пријатели се всушност поинтелигентни.
Истражувањата покажуваат дека интелигентните луѓе имаат помалку пријатели
Студија од 2016 година објавена во Британскиот журнал за психологија покажа дека попаметните луѓе функционираат подобро со помалку пријатели. Водечките истражувачи, еволутивните психолози Сатоши Каназава и Норман Ли од Англија, открија дека додека среќата на повеќето луѓе се зголемува кога живеат во помалку населени подрачја и имаат повеќе интеракции со најблиските, високо интелигентните луѓе се всушност посреќни кога се дружат со помалку пријатели.
Студијата се занимаваше со „саванската теорија за среќа“, според која „поради еволутивните ограничувања на човечкиот мозок, ситуациите и околностите што би ја зголемиле среќата на нашите предци, сè уште можат да ја зголемат нашата среќа денес, а оние што би ја намалиле нивната среќа, можат да ја намалат нашата денес“.
Според студијата, ова „објаснува зошто Американците кои живеат во рурални средини се генерално посреќни од оние кои живеат во градови“, како и зошто „поинтелигентните поединци чувствуваат помалку задоволство од животот колку повеќе се дружат со пријателите“. Накратко, луѓето кои живеат во рурални средини пријавуваат поголемо задоволство од животот, додека оние кои живеат во густо населени урбани средини пријавуваат помало задоволство од животот.
Постои важна причина зошто интелигентните луѓе претпочитаат да поминуваат време сами
Керол Греам, истражувач во Институтот Брукингс, која се занимава со економијата на среќата, објасни за Вашингтон пост: „Наодите сугерираат, што не е изненадувачки, дека оние со повисока интелигенција и способност да ја користат имаат помала веројатност да поминат толку време во дружење бидејќи се фокусирани на некоја друга, долгорочна цел“.
Високо интелигентните луѓе често имаат возбудливи нови теории што сакаат да ги докажат или работат на пронајдоци за кои веруваат дека би можеле да го променат светот. Таквите луѓе не сакаат да губат време дружејќи се. Тие сакаат да се посветат на своите цели.
Но, може да постојат и други причини зошто паметните луѓе не сакаат премногу да разговараат со другите. Можеби не сакаат драма, можеби се малку социјално несмасни, можеби избегнуваат муабети, претпочитаат осаменост или можеби едноставно им е приоритет на своето ментално здравје.
Научниците веруваат дека веројатно постојат еволутивни причини зад овие тенденции.
Без разлика на причината, студијата сугерира дека мозоците на нашите предци ловци-собирачи биле совршено адаптирани на животот во африканската савана, каде што популациите биле расфрлани и луѓето живееле во групи од околу 150 членови.
Социјалната интеракција беше исклучително важна за преживување, особено кога стануваше збор за соработка и наоѓање партнери, но просторот беше исто така важен. Истражувачите веруваат дека може да постои несовпаѓање помеѓу начинот на кој еволуиравме и брзиот живот што го водиме денес.
Накратко, студијата сугерира дека поинтелигентните луѓе полесно се прилагодуваат на современиот живот и се помалку врзани за човечките еволутивни тенденции. Ова значи дека тие немаат толку голема потреба за социјална интеракција. Значи, ако имате само неколку пријатели или претпочитате да останете дома отколку да излегувате, не грижете се. Можеби сте едноставно навистина паметни.




