Нов скок на цените на горивата или поевтинување – ќе биде познато утре кога Регулаторната комисија за енергетика ќе ги соопшти новите цени на горивата.
На светските берзи цената на нафтата варира во зависност од случувањата на Блискиот Исток и мировните преговори меѓу САД и Иран, но експертите предупредуваат дека светот се соочува со најтешката закана по енергетската безбедност.
Според извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика, Фатих Бирол, актуелната криза на Блискиот исток ги надминува кризите од 1973 и 1979 година и кризата од 2022 година.
Според Агенцијата, нарушувањата на Ормускиот теснец веќе довеле до најголем прекин во историјата на светскиот нафтен пазар.

Во земјава, власта тврди дека засега добро се справува со кризата и дека состојбата секојдневно се анализира и се носат неизбрзани мерки. Уверуваат дека има доволно гориво.
Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, владините мерки даваат резултат и имаме најниски цени на горивата во однос на државите од регионот за што потврда е зголемената потрошувачка на гориво во пограничните области.
Досега, Владата донесе две мерки – првично го намали ДДВ-то за гориво, а потоа и акцизите, а дополнително во преговори со Окта беа намалени набавните цени на горивата.
Според последната одлука на РКЕ донесена минатиот понеделник, малопродажната цена на Еуросупер БС-95 изнесува 80,5 денари за литар, а на Еуросупер БС-98 – 82,5 денари за литар. Малопродажната цена на дизелот е 94 денари за литар, а на Екстра лесното масло за домаќинство 97 денари за литар.




