дома Македонија Филипче: Со оваа Влада не очекувајте ништо од евроинтеграцијата

Филипче: Со оваа Влада не очекувајте ништо од евроинтеграцијата

Немојте ништо да очекувате од европскиот пат, ама буквално ништо, порача денеска лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче на дебатата што втор ден се одржува во македонското Собрание, а е посветена на европскиот пат на државата.

Филипче рече дека ваквата констатација ја темели на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека ако треба ќе чекаме и децении додека не се добијат сигурни гаранции дека нема да има други вета за влез на земјата во Европската унија.

– За жал, вистината е разочарувачка. Немојте ништо да очекувате од европскиот пат. Ама буквално ништо. И тоа не го кажувам јас, тоа го кажува премиерот Христијан Мицкоски. Човекот вика дека, ако треба, децении ќе чекаме за Европа. Што можеме да очекуваме после таква експлицитна изјава во јавноста дека оваа влада нема да направи ниту еден чекор кон Европа?, праша Филипче.

Рече дека Владата не работи на Реформската агенда и дека во текот на 2025 година требало да се донесат повеќе закони од областа на правосудството, а донесен е само еден и тоа парцијално имплементиран со насоки од Оценската мисија на Европската унија.

– Што може Собранието да направи кога Владата ништо не продуцира и не праќа кон Собранието никакви закони? После пожарот во Кочани, јас бев кај премиерот, понудив заедничка работа на реформската агенда, формиравме работна група, од Министерството за правда ги пратија законите. Дадовме наше експертско мислење, нашите експерти дадоа не политичко, туку експертско мислење за законите за правосудство. Никој не одговори на мислењата што ги пративме во Министерството за правда. Нема одговор. Нема одговор. Десет закони од реформската агенда се врзани со финансии од Европа, рече Филипче.

Додека не се смени мислењето на оваа Влада, а мислењето нема да се смени, вели Филипче, нема да направиме никаков чекор напред кон Европската Унија

ПредходнаДва автомобили изгореа во скопски Карпош
СледнаЗНАМ ќе се произнесе за двојното државјанство за функционерите по јавната расправа