ЈП „Чистота и Зеленило“ денеска интервенираа со механизација за гаснење на пожарот на депонијата „Краста“, лоцирана на патот Куманово–Пчиња. Според директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, пожарот бил пријавен во текот на ноќта, а благодарение на брзата реакција на екипите, во моментов е ставен под контрола.

Пожарот бил евидентиран околу два часот по полноќ, а Томиќ посочи дека депонијата „Краста“ претставува долгогодишен проблем за општината.
-Проблемот со депонијата Краста не е од вчера, туку повеќе од една деценија. Месечно депонираме околу 2.000 до 2.200 тони отпад. Оваа депонија практично не ги исполнува стандардите и претставува обично заградено ѓубриште- додаде Томиќ.
За утре е најавена средба меѓу жителите од Пчиња и претставници на комуналното претпријатие, на која ќе се разговара за понатамошни чекори за решавање на проблемот, макар да почне ѓубрето да се покрива со земја а за тоа да се обезбеди механизација.




