Левица бара од директорот на Државниот здравствен инспекторат Кирил Лазов да иницира вонреден инспекциски надзор на Клиниката за хематологија затоа што, како што тврди Левица, до нив стигнале сведоштва на пациенти кои укажуваат на целосен колапс на Клиниката.
– Информациите до нас откриваат дека пациентите се соочуваат со недостиг од терапии, како и со недостиг од најосновни медицински материјали – шприцеви, стерилни ракавици, средства за дезинфекција и кеси за венепункција. Особено загрижувачки се наводите дека на Клиниката е воспоставен понижувачки и опасен систем на „штедење“, каде лекарите се принудени за секоја терапија и интервенција да бараат одобрување од директорката Соња Генадиева Ставриќ преку телефонски повици и вибер пораки. Со ова, директно се суспендира стручниот авторитет на лекарите и се воведува недозволиво менаџерско самоволие во процесот на лекување, велат од Левица.
Според сведоштвата на пациентите, директорката Генадиева-Ставриќ произволно кратела терапии спротивно на медицинските индикации, при што пациенти на кои им биле потребни 10 ампули терапија добивале дозвола само за три.




