Фридман ја започнува својата колумна со директно обраќање до членовите на НАТО: „Ве разбирам. Го презирате претседателот Трамп од сите вистински причини. Тој ѝ го сврте грбот на Украина. Се закани дека ќе го земе Гренланд и ќе ја анектира Канада. Го наговори Владимир Путин. Ги еродираше демократските институции на Америка. Ве навреди толку многу што германскиот канцелар неодамна го нападна Иран за „понижување“ на Трамповата Америка. Сфаќам сè тоа.“
Но, колумнистот на „Њујорк тајмс“ веднаш додава остро „но“: „Сега преболете го тоа. Соберете ги вашите морнарици и упатете се кон Персискиот Залив веднаш. Придружете се на американската армада за да ставите до знаење дека на Иран никогаш, ама баш никогаш нема да му биде дозволено да одлучува кој може, а кој не може да помине низ Ормутскиот теснец“.
Трамп и Нетанјаху: Двајца егомани без план
Фридман не штеди зборови на критика за американскиот претседател и израелскиот премиер. Тој ги опишува како „двајца безгрижни егомани кои не се ни приближно толку паметни колку што мислат дека се“. Според него, Трамп и Бенјамин Нетанјаху се турнале во ќош, но проблемот е што тие „нè турнале сите нас во ист ќош“.
Авторот на „Њујорк тајмс“ нагласува дека двајцата ја започнале оваа војна без никаква стратегија за „утрото потоа“, без консултација со НАТО и без трошка меѓународен легитимитет од ОН. Сепак, Фридман предупредува дека дозволувањето на Иран да го држи Ормутскиот теснец како заложник би значело трајна нестабилност за Европа, на која очајно ѝ е потребен гас од Заливот ако не сака да се врати на зависност од Русија.
Ирански „патарини“ насред море
Еден од најголемите стравувања на Фридман е притисокот на Иран трајно да ги промени правилата за пловидба. Тој цитира податоци од „Лојдс Лист Интелиџенс“, во кои се вели дека Техеран веќе основал нова агенција наречена „Управа за Персискиот Заливски Проток“.

„Иран се поставува како единствен орган што издава транзитни дозволи. Тие веќе почнаа да испраќаат формулари до бродовите за собирање такси“, пишува Фридман. Тој предупредува дека ова би можело да постави опасен преседан: „Ако ова стане норма, кој знае кои други земји ќе инсталираат наплатни рампи на клучните морски патишта покрај нивните брегови?“
Колумнистот признава дека Трамп и „Биби“ не направиле ништо за да ја заслужат поддршката на НАТО, што го води до тажен заклучок: „Нашите сојузници речиси сигурно ќе го отфрлат овој апел. Она што е потребно сега можеби станало невозможно затоа што Трамп помина толку долго оцрнувајќи ја алијансата и беше рамнодушен кон енергетската криза што оваа војна ѝ ја нанесе на Европа“.
Изборот е едноставен: Дубаи или Бејрут
Фридман објаснува во колумната дека на Блискиот Исток моментално се борат два модели на иднината. Едниот е моделот „Дахија“ – според шиитското предградие Бејрут и упориштето на Хезболах. Тоа е визија за антимодерен, пуритански и недемократски фундаментализам што Иран го наметнува секаде каде што ќе стапне. „Тоа е бакнеж на смртта за секоја земја“, пишува Фридман.
Од другата страна стои „моделот на Дубаи“ – оној што го воведоа Емиратите, кој се базира на одговорна бирократија, умерен ислам, религиозен плурализам и отвореност кон светот. Иран, тврди Фридман, сака да го уништи токму овој модел затоа што е привлечен за младите Арапи.
„Разбирам зошто нашите сојузници во НАТО сакаат да ги видат Трамп и Нетанјаху како го жнеат она што го посеале“, заклучува Фридман во „Њујорк тајмс“. „Но, тие двајца ужасни лидери посеаа ветер – и сите ние ќе ја жнееме бурата ако Иран излезе посилен од ова“.





