„На прашање на претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“, се наведува дел од одговорот на Јавното обвинителство на РСМ
Во однос на одлуката за запирање на постапката за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, од државното обвинителство велат дека предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК одлучува самостојно, согласно Законот за јавно обвинителство
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија сепак потврди дека државниот јавен обвинител Ненад Савески имал телефонски повик од премиерот Христијан Мицкоски, што било првпат по стапувањето на Савески на функцијата.
Сепак, како што може да се сфати од контекстот на соопштението, премиерот се интересирал за овој предмет, но во разговорот од страна на Савески му било кажано она што вчера беше објавено од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во медиумите, дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дознал по нејзиното објавување, објави 360 степени.
„Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера првпат воопшто телефонски му се јави претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од Обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“,се наведува во одговорот на Јавното обвинителство на РСМ.
Соопштението на Јавното обвинителство е одговор на прашањата што ги отвори последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски кој, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека со шок и неверување вчера ја примил веста за одлуката на ОЈО ГОКК да ја запре постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, во кој, меѓу другите, беше опфатен и поранешниот директор на АД „Електрани на Северна Македонија“, Васко Кочачевски, и дека за тоа телефонски разговарал до државниот јавен обвинител Ненад Савески.

„Тој ме информира дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОКК што го води Ислам Абази и претпоставувам дека по вложената жалба од страна на ЕСМ случајот ќе биде преразгледан и вратен на повторно анализирање. ОЈО ГОКК на чело со Ислам Абази сме го коментирале и нема што дополнително да кажам, јавноста знае за каков обвинител станува збор“,рече Мицкоски. По наводите на премиерот дека разговарал со Савески за конкретен предмет, од Советот на јавните обвинители во изјава за „360 степени“ рекоа дека ќе побараат објаснување од државниот јавен обвинител.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, ни изјави дека за овој разговор дознал преку објавите во медиумите и додаде дека ситуацијата внимателно се следи и дека ќе разговара со државниот обвинител пред да се одлучи за евентуална седница или за други чекори.
„Ќе треба да се слушнеме со државниот обвинител Савески за да ги заокружиме работите. Како Совет немаме ингеренции да се мешаме во предмети, но ги следиме изјавите“,вели Бесими.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека ја запрело постапката за предметот во врска со набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа. Се работи за истрагата што беше отворена против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата „РКЕ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Повикувањето на државниот обвинител од страна на премиерот повторно ја отвори дебатата за границата меѓу политиката и правосудството. И додека Владата уверува дека нема мешање во истрагите, критичарите , експертската јавност, предупредуваат дека секој директен контакт меѓу извршната власт и обвинителството остава простор за сомнеж во независноста на правосудниот систем, а тоа не е ниту ново , ниту реформски пат за Македонија.




