дома Македонија Политика Албанскиот амбасадор Мејдани е повикан во МНР, за реакција- демарш

Албанскиот амбасадор Мејдани е повикан во МНР, за реакција- демарш

 

Вонредниот и ополномоштен амбасадор на Албанија во Македонија, Денјон Мејдани, денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, за да му биде упатен устен демарш поради неговите изјави дадени деновиве. Мејдани беше активен во јавноста и ја коментираше употребата на албанскиот јазик во Македонија, а тој и ги поддржа протестите за полагање правосуден испит на албански јазик.

Според информациите, во МНР не дошол Мејдани, туку неговиот заменик, кому му била упатена усната реакција околу изјавите на амбасадорот дадени во изминатите денови. За нив било оценето дека се несоодветни и се движат на границата меѓу вообичаената и легитимна дипломатска комуникација и потенцијалното мешање во внатрешните работи во земјата на акредитација.

Од МНР нагласиле дека во иднина е потребно јавните настапи и изјави да бидат во духот на одличните пријателски односи и меѓусебното почитување меѓу двете земји, како и согласно вообичаените дипломатски стандарди и практики.

Албанската телевизија „А2“ вчера објави, повикувајќи се на извори во македонските институции и во албанското МНР, дека Тирана може да го отповика амбасадорот Мејдани поради неговите активности, откако за нив, според „А2“, реагирале македонските власти, односно ВМРО-ДПМНЕ и Вреди. Копретседателот на Вреди, Биљал Касами, денес изјави дека ниту неговата партија ниту Владата не барале Мејдани да биде отповикан.

ПредходнаФорд ќе ја нападне Европа со 5 нови модели
СледнаБорко Ристовски за Миленко: Ако човек во поизминати години не чувствува доблест да се извини, тоа е личен проблем