Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ денеска одржа предупредувачки протест за најавените измени на Законот за игри на среќа.
Здружението уште еднаш нагласи дека не се консултирани при изработката на законските измени и предупреди дека без работа ќе останат 10.000 вработени во овој сектор.
Тие што го подготвувале законот не сметале дека треба да го чујат нашето мислење и искуство пред да го предложат. Сигурно се прашувате зошто протестот е овде во трговскиот центар Лептокарија? Токму оваа локација е потврда дека предлогот на Владата за дистанца од 500 метри е предлог за затворање на легалните објекти за игри на среќа. Затоа, ние вработените во овие објекти протестираме овде половина час како прво предупредување за тоа што ќе следи, изјави Оливера Костова, претставничка на „Сакам да работам“.
Здружението предупредува дека ако се донесат измените на Законот, тогаш вработените во овој сектор ќе бидат принудени да аплицираат за работа во странство.
– Ако овој економски сектор престане да постои во Македонија ние ќе немаме друг избор освен да аплицираме во странство, во ЕУ, во западните земји за да работиме на работни места за кои сме се обучиле. Сакаме да упатиме јасна порака. Нашите протести се демократска битка за вистината. Долг период игрите на среќа се цел на негативна кампања. Ние не сме закана за младината. Закана за младината е популизмот кој затворајќи ги легалните објекти ќе ги направи младите лесен плен на играчници на црно кои ќе се одвиваат по подруми, каде државата ќе нема никаква контрола. Ние се бориме со аргументи и факти. Јавноста треба да види кој е подготвен да преземе одговорност за тоа што следи доколку се затвори овој легален економски сектор, рече Костова.




