Мониторинг групите известија дека повеќе од 50 ракети и повеќе од 700 дронови биле лансирани кон Украина, речиси исклучиво насочени кон Киев.
Репортерите на „Киев Индепендент“ од терен известија за серија моќни напади врз украинскиот главен град кои започнаа околу 1 часот по локално време, а потоа се повторија неколку пати помеѓу 3 и 5 часот наутро. Предупредувања за опасност во воздухот беа издадени во сите региони на земјата. Украинските воздухопловни сили известија дека десетици ракети и стотици беспилотни летала летаат кон главниот град, а набргу потоа издадоа предупредување за можно лансирање на руска балистичка ракета со среден дострел „Орешник“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека штетата е „евидентирана во секој округ на градот“. Според официјалните бројки, најмалку едно лице е убиено, а 21 повредено во Киев, од кои 13 се хоспитализирани. Најмалку седум станбени згради се оштетени во областите Оболонски, Шевченковски, Днепровски, Холосиевски, Соломјански и Печерски. Руски ракети, исто така, погодија неколку семејни куќи.
⚡️ Kyiv is under attack
Russian missiles are striking the capital, while reports say Zelensky is taking shelter in a bunker 🇺🇦💥 pic.twitter.com/1TNvQ6GPxD
— WAR (@warsurv) May 23, 2026
Покрај станбените згради, оштетени се и супермаркет, трговски центар, деловна зграда, студентски дом, бензинска пумпа, гаражи, паркирани возила и неколку магацини во различни делови од градот.
Новинар на „Киев Индепендент“, исто така, објави за голем пожар во близина на метро станицата „Контрактова Плоштад“. Директорот на украинската национална поштенска служба „Укрпост“, Игор Смиљански, потврди дека во нападот е оштетено и седиштето на компанијата на централниот Плоштад на независноста.
Напади и надвор од главниот град
Три лица се повредени во околниот киевски регион, соопшти регионалниот гувернер Микола Калашник. Тој рече дека руските ракети ги погодиле населбите Фастив, Буча, Бровари, Била Церква, Вишхород и Бориспиљ, оштетувајќи станбени згради, куќи, гаражи, комерцијални згради и магацини. Според извештаите на јавната телевизија Суспилна, експлозиите се регистрирани и во градовите Черкаси и Кропивнички и во Хмелничкиот регион.
Како одговор на нападот, полските воздухопловни сили соопштија дека испратиле полски и сојузнички борбени авиони за да го заштитат воздушниот простор на Полска.
Предупредувањата му претходеа на нападот
Нападот се случи само неколку часа откако претседателот Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува поширок напад врз целата земја, вклучително и можна употреба на ракети „Орешник“ со среден дострел. „Гледаме знаци на подготовки за комбиниран напад врз украинска територија, вклучително и Киев, во кој би се користеле различни видови оружје. Во таков напад би можело да се користи и споменатото оружје со среден дострел“, рече Зеленски, повикувајќи ги граѓаните да бидат внимателни.
Американската амбасада во Киев издаде слично предупредување, наведувајќи ја „можноста за значаен воздушен напад“ во рок од 24 часа, но без да го прецизира видот на оружјето. Русија првпат ја употреби ракетата „Орешник“ против Украина во ноември 2024 година во напад врз градот Днепар, а последен пат на 9 јануари оваа година во напад врз регионот Лавов на западот од земјата.






