По интерпелацијата на Левица за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оставка од него побараа и пратениците од СДСМ со оценка дека безбедносниот систем во државава е пред распаѓање.
Пратеникот Миле Талески од СДСМ денеска од собраниската говорница го праша Тошковски дали ќе си поднесе оставка по низата случувања како шверцуваната марихуана во Србија, порастот на фемицид во земјава и аферата во Кабинетот на претседателката на државата.
Тошковски одговори дека МВР дава најдобри резултати во изминатите 20 години порачувајќи и на опозицијата дека треба да се гордее со овој факт.
– Јас не ги измислувам бројките. Не само што МВР дава најдобри резултати од времето кое вашиот сопартиец го водеше, туку МВР дава подобри резултати компарирано со послендите 20 години. И тоа се бројки, факт. Откривачката дејност во МВР е на ниво од 62,7 проценти што е најдобра откривачка дејност во последните 20 години. Вие не можете да прифатите дека конечно по многу години има министер кој е нормален во комуникацијата со јавност, реален во делот на бројките, не манипулира, рече Тошковски од собраниската говорница.




