дома Култура Денеска е Педесетница – Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите

Денеска е Педесетница – Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите

Педесетница е еден од најголемите христијански празници и се слави педесет дена по Христовото Воскресение – Велигден. Овој свет ден е познат и како Ден на Светиот Дух или Ден на раѓањето на Христовата Црква.

Според Светото Писмо, по Вознесението на Господ Исус Христос, Неговите ученици и апостоли се собрале во Ерусалим, исполнети со молитва и очекување. Тогаш, на педесеттиот ден, врз нив слегол Светиот Дух во вид на огнени јазици. Апостолите почувствувале огромна духовна сила, мудрост и храброст, а потоа почнале да зборуваат на различни јазици за да можат сите народи да ја слушнат Христовата порака.

Овој настан го означува почетокот на ширењето на христијанството низ светот. Апостолите, кои дотогаш биле уплашени и несигурни, станале храбри проповедници на верата. Тие започнале да го објавуваат Евангелието и да ги крштеваат луѓето во името на Светата Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух.

Во православната традиција, Педесетница е празник на духовната обнова, љубовта и единството. Храмовите на овој ден се украсуваат со зелени гранки, трева и цвеќиња, кои симболизираат нов живот, свежина и благодатта на Светиот Дух.

Верниците на Педесетница се молат за мир, мудрост и духовна сила. Се верува дека Светиот Дух им помага на луѓето да најдат утеха, надеж и пат кон добрината.

Слегувањето на Светиот Дух – Педесетница

Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан.

Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.

Предходна„Набуко“ вечерва ќе биде посветена на неодамна загинатиот баритон Ристе Велков
СледнаКочани со „Марш на ангелите“ и на Задушница,.. колку да не се заборави!