Централната команда на САД (Centcom) официјално потврди дека извршила нови воздушни напади врз цели во Иран.

Официјалната изјава на Пентагон дојде само неколку минути откако Кувајт објави дека е нападнат, по што се вклучија сирени за предупредување за воздушна закана од ракети и беспилотни летала.
Последни случувања:
- ЕУ упатува строго предупредување до Израел: Веднаш да се запре воената операција во Либан
- Хаос на патиштата во Бејрут: Илјадници луѓе го напуштаат градот
- Нетанјаху нареди воздушни напади врз Бејрут.
- Би-Би-Си потврди: Иран сериозно оштетил 20 американски бази од почетокот на војната
- Трамп одговори, не споменува нови напади: „Седнете и опуштете се“
- Американските сили извршија воздушни напади врз иранските радарски системи и командни пунктови за беспилотни летала
- Пентагон соопшти дека нападите биле извршени во самоодбрана откако Иран собори американски дрон „Рипер“.
- Воените напади го означуваат третото сериозно кршење на договореното примирје меѓу САД и Иран.
- Сирени низ Кувајт, војската потврди дека активно пресретнува ракети и непријателски дронови
- Иранската револуционерна гарда објави дека нападнала американска воздухопловна база како одмазда

Европската Унија денес упати итен и официјален апел до Израел веднаш да ја запре својата воена операција на територијата на Либан. Реакцијата од Брисел дојде откако израелските сили ја зазедоа стратешки важната тврдина Бофорт и отворено најавија продолжување на жестоките воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут.
„Го повикуваме Израел веднаш да ја запре воената ескалација во Либан и целосно да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан“, изјави портпаролот на Европската унија, Ануар Ел Ануни, во официјално соопштение за медиумите.

Сегашниот прекин на огнот што е на сила меѓу Иран и САД е недвосмислен прекин на огнот што ги опфаќа сите фронтови, вклучително и оној во Либан, изјави денес иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
Оваа остра реакција од Техеран дојде веднаш откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху издаде официјална наредба за започнување воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои се под контрола на Хезболах.
„Кршењето на прекинот на огнот на еден фронт претставува кршење на прекинот на огнот на сите фронтови. САД и Израел ќе бидат директно одговорни за сите последици од какво било кршење на договорот“, напиша Аракчи во објава на социјалната мрежа X.
Израелската војска (ИДФ) издаде нови, итни наредби за евакуација на жителите на седум села во јужен Либан, вклучувајќи ги Хумин ал-Фаука, Бнафул, Арап Салим, Румин, Азе, Арки и Џбаа.
„За ваша сопствена безбедност, мора веднаш да ги напуштите вашите домови и да се оддалечите од овие села и градови на растојание од најмалку 1.000 метри кон отворени области“, изјави портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) на арапски јазик, Авичај Адрае, во објава на социјалната мрежа X.
Овој потег доаѓа во време на драматично интензивирање на израелската офанзива против Хезболах во Либан. Да ве потсетиме дека вчера израелските сили ја окупираа стратешки важната тврдина Бофорт на ридот, додека рано утрово беа најавени воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут.
Крајниот план на Тел Авив, според министерот за одбрана Израел Кац, е „областа околу реката Литани да се претвори во зона под безбедносна контрола на Израелските одбранбени сили, целосно исчистена од оружје и терористи“.




