Припадникот на српските вооружени сили, вишиот водник Милован Јовановиќ, кој беше распореден како дел од мировните сили на Обединетите нации во Либан, почина од повредите предизвикани од паѓање на ракета врз базата на ОН каде што се стационирани мировни сили, вклучувајќи го и дел од српскиот контингент, објави RTS.

Откако бил ранет, на Милован Јовановиќ му била укажана итна медицинска помош во болницата во базата, а потоа со хеликоптер бил пренесен во Универзитетскиот медицински центар во Бејрут, каде што починал околу 4 часот наутро по локално време, соопшти Министерството за одбрана.
Вишиот водник Милован Јовановиќ е роден на 6 јуни 1989 година во Краљево. Зад себе остава сопруга и две малолетни деца.
Тој служи во српските вооружени сили од 10 декември 2011 година, а во мировната мисија во Либан од јануари оваа година.
Министерот за одбрана Братислав Гашиќ и началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, генерал Милан Мојсиловиќ, испратија телеграми со сочувство до семејството на трагично починатиот припадник на српските вооружени сили.




