дома Македонија Политика Тече рокот за случајот мазут, Тошковски верува дека е направен пропуст во...

Тече рокот за случајот мазут, Тошковски верува дека е направен пропуст во Обвинителството

Тече рокот од 30 дена во кој Вишото јавно обвинителство ќе треба да се произнесе за случајот набавка на мазут за ТЕЦ Неготино по што ќе биде познато дали истрагата ќе се реотвори или случајот ќе биде затворен.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески не открива кај кој обвинител е паднат приговорот што го поднесе АД Електрани, иако според дел од медиумите за него ќе одлучува обвинителот Јован Цветановски кој беше под суспензија за можни неправилности во распределбата на предмети.

Савески за овој предмет вели дека принципиелно ја поддржува одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ за стопирање на истрагата поради немање докази.

Савески за истрагата за мазутот: Подобро запрена истрага отколку обвинение кое би завршило со ослободителни пресуди

Од друга страна, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека сака да верува дека е направен пропуст и дека овој предмет не е затворен.

– Кога имате состанок со истражители кои ви велат – министре, ова што се случува во овој предмет е во најмала мера надвор од памет’, јас прашувам зошто е тоа така. Тие појаснуваат дека станува збор за непостапување согласно доказите коис е темелно анализирани и кои даваат основано сомнение за криминал, изјави вчера Тошковски за телевизија Телма.

Уверен е дека има многу докази за кривично дело во случајот и најавува дека додека е на функција нема да дозволи овој случај да биде затворен.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја прекина истрагата со образложение дека нема доволно докази што наиде на остра критика особено од ВМРО-ДПМНЕ од каде побараа оставка од претседателот на ОЈОГОКК Абази обвинувајќо го дека одработува за поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Абази, пак, на брифинг со новинарите ги отфрли ваквите обвинувања тврдејќи дека никогаш во мандатот не наложил ниту вршел притисок врз обвинител.

Во случајот меѓу осомничените се поранешниот прв човек на АД ЕСМ Васко Ковачевски од СДСМ, синот на сопственикот на Пуцко Петрол – Асмир Јаховски и сопственикот на РКМ Ратко Капушевски.

ПредходнаРубио: Венецуела мора да помине низ три фази, последната се слободни избори
СледнаБИА: Го советувавме Вучиќ да не патува во Тиват поради безбедносен ризик, Звицер во Црна Гора